Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид ги пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Премиерот Ковачевски на средбите го поздрави учеството на Србија и Косово на разговорите во Охрид и изрази задоволство дека со посредство на Европската Унија се овозможува отворен дијалог кој е од голема важност за регионалната стабилност и безбедност, а кои ќе се чекор напред кон европскиот пат на регионот.
Северна Македонија е токму пример за земја која сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог, со цел напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Преку решителни чекори Северна Македонија обезбеди пред сѐ безбедност и континуиран развој, и од заробена и изолирана држава, денес е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи. Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ се согласија дека мирот не само во двете земји туку и во целиот регион е важен, а дијалогот е битен за подобрување на односите. Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, информираат од владината прес служба.
Со премиерот Курти заеднички беше заклучено дека е исклучително важно да се вложат сите напори за изнаоѓање решение и забрзување на евро-интегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западен Балкан.
На средбата, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО. Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја, наведуваат во соопштението.
Премиерот Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока. Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ.
OhridNews