Неблагодарно е што еден млад тим како што е ППД Загреб е фаворит против добра и искусна екипа каков што е Металург, рекол тренерот на хрватскиот шампион Веселин Вујовиќ, во пресрет на дуелот на двата тима во Лигата на шампиони.

 

Натпреварот помеѓу ППД Загреб и Металург, кој ќе се одигра во рамките на третото коло во Ц групата во Лигата на шампиони, ќе биде од големо значење за двата тима. Загреб, има победа и пораз во двете одиграни средби и со победа ќе ги зголеми шансите за пласман во Топ 16 фазата, исто така евентуалниот пораз за Металург, кој загуби во првите два натпревара, ќе ги сведе на минимум шансите на македонскиот првак за пласман во нокаут рундата.

„Подготвени сме во сабота да победиме, прв пат сме фаворити по дуелите со Кил, Вардар и ПСЖ и тоа е неблагодарна позиција за нашиот млад тим, кој за противник ќе има искусна екипа. Металург има некои проблеми, но тоа добар и силен тим, така што нема да ни биде лесно да забележиме победа која многу би ни значела во продолжението на Лигата на шампиони“, рекол тренерот на ППД Загреб, Вујовиќ.

„Доколку судиите им дозволат да го наметнат нивниот стил, значи да играат на долги напади, со чести прекини и прекршоци, значи да наметнат игра без многу трчање, тогаш ќе имаме проблеми. Нашиот пристап ќе биде максимален, знаеме колкав товар е нашата победа над Кил, така што доколку не победиме ќе биде вистинска катастрофа“, дополнил Вујовиќ.

Тренерот на ППД Загреб проговорил и за големото ривалство со Лино Червар, кое трае уште од времето додека тој го предводеше Вардар.

„Приказната од Македонија нема допирна точка со ова. Реков дека Загреб ќе се обиде да ги победи сите екипи кога игра на домашен терен, тоа ќе биде случајот и на мечот со Металург. Тензиите кои ги имаше таму се некоја друга приказна. Червар заслужува огромен респект и на тој начин ние ќе го пречекаме“.

Натпреварот помеѓу ППД Загреб и Металург, кој е дел од третото коло во А групата во ЛШ, ќе се одигра в сабота со почеток во 18 часот.

„Макфакс“