Специјализираниот туристички магазин „Wanderlust travel“, кој има повеќе од 100 илјади претпплатници во Европа, ја избра Македонија за топ дестинација во 2016 година. Основачот Лин Хјуз од Велика Британија, има објавено повеќе интервјуа и стории за Македонија, а по конференцијата за активен туризам што се одржува во Охрид на која учествува, таа најавува нови објави.
-Македонија има што да им понуди на британците. Тие секогаш бараат нови искуства во природа, велосипедизам, пешачење, се што е поврзано со природните убавини, кои тука ги има во изобилство. Сега имаме директни летови од Лондон до Скопје и Охрид и затоа мислам дека ќе се зголеми интересот за патувања во Македонија. Во јануари годинава нашите читатели ја избраа Македонија како главната нова дестинација која сакаат да ја посетат. На оваа конференција веќе собравме многу интересни идеи и ќе има многу нови написи за Македонија. – истакна Хјуз.
На конференцијата за активен туризам учествуваат претставници од 25 влијателни медиуми, како и блогери и таканаречени раскажувачи на приказни од светот. Тие се импресионирани од природните убавини на Македонија и потенцијалите за активен туризам, а дел открија и дел од содржините за кои ќе пишуваат во магазините кои имаат огромен тираж.
-Планирам да пишувам за спортско рекреативни активности во природа. Исто така сметам дека многу се интересни зимските спортови. Македонија има голем потенцијал за нив, така што имам намера да пишувам за можностите не само за алпско скијање во стандардните ски центри, туку и за прекрасните природни терени за слободно скијање кои ги има тука. – изјави Џордан Кембл, новинар од САД.
Во Охрид деновиве заедно со претставници на светски медиуми престојуваат и 65 странски туроператори кои ќе ја продаваат Македонија на глобалнот туристички пазар, самостојно и како дел од таканаречените балкански тури кои привлекуваат се повеќе гости. Извршниот директор на Асоцијацијата за активен туризам – АТА за Европа, Крис Дол, истакна дека има забалежителни подобрувања во туристичката понуда на Македонија, ни и дека има уште доста за работа.
-Ова е шести пат како доаѓам на Балканот и во Македонија и забележувам една позитивна транзиција во овој временски период. Конкретно мислам на она што се развива во туристичкиот сектор во рамки на менаџирање на ризици и исто така во квалитетот на услугата. Тука можам дефинитивно да кажам дека Македонија се има подобрено. Секако има уште многу да се работи. Сите заедно, туроператорите, медиумите, луѓето кои работат во туристичката индустрија треба да работат заедно на една одговорна форма на туризам која ја заштитува природата и културното наследство, за да има бенефиции за локалното население и малите бизниси долгорочно. – рече Дол.
Конференцијата за активен туризам во Охрид, на која присуствуваат 300 учесници, завршува утре.
Г.М.


















