Потпишана Спогодбата за потрага и спасување во областа на воздухопловството како дел од заедничките операции на земјите од регионот во цивилната авијација денес во Охрид од страна на Агенциите за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија, Република Србија, Република Словенија и Република Црна Гора.
Со Спогодбата се зајакнува меѓусебната соработка на ниво на Агенции во градење, развој на капацитети, размена на искуства и знаења, подобрување на оперативната прекугранична соработка.
Директорот на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев истакна дека со ова се врши хармонизација на операциите за спасување во земјите од регионот со што постапките се интегрираат во еден ефикасен систем за обезбедување на потребните ресурси во цивилната ацијација, постапки целосно усогласени со стандардите на Еуроконтрол.
Регионалната соработка е најважната меѓународна соработка во сферата на воздухопловството посебно кога се работи за хармонизација на активностите за потрага и спасување и унапредување на прекуграничната соработка на државите членки. Сите служби кои се инволвирани на некој начин во спасување, трагање, давање помош на унесреќени лица и материјални добра да бидат искоординирани на ниво на континент. Тоа подразбира дека ако нешто се случи во Македонија да бидат искористени капацитетите не само од соседните држави, туку и од државите кои се во регионот ,а се потписници на оваа спогодба, да се искористат авиони, хелихоптери, дронови, прва помош, екипи за спасување… Тоа е од големо значење затоа што нема таков пример сеуште на европскиот континет ниту било каде и ова е прв обид да се направи една ваква значајна меѓународна соработка во регионални рамки, рече Тунтев.
Воедно, потенцираше дека меѓународната регионална соработка не завршува тука. Истата продолжува со Меморандумот за соработка што го потпишаа пет балкански држави на т.н иницијатива Open Balkan Sky кон која се приклучи и Турција.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека регионалната соработка е од исклучително значење за поставување на високопрофесионални стандарди во сферата на цивилното воздухопловство.
Имајќи предвид дека е потребен оранизиран систем за потрага и спасување на воздухоплови и лица во опасност како операции од висок ризик, денешниов собир е само потврда дека ние земјите од регионот работиме на усогласување на домашните легислативи во обезбедување на потребните ресурси за овој тип на операции. Развојот на авиосообраќајот и воздухопловството во Република Северна Македонија е високо на агендата на Владата и во таа насока создаваме услови да креираме долгорочен и ефикасен систем на организирање на цивилната авијација, рече министерот Бочварски.
Потсети и дека пред три месеци со Република Албанија е потпишана спогодба за делегирање на воздухопловни услуги помеѓу двете држави со цел поквалитетни услуги на прелети и на користење на охридскиот аеродром при слетување и полетување, но и дека на вчерашната седница на Владата е усвоен Законот за воздухопловство преку кој се подигнуваат стандардите во воздухопловната дејност.
Преку овој Закон, додаде Бочварски, кој сега преминува во процедура во Собранието ќе биде затворено прашањето за поголема самостојност на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Со оваа Спогодба ја заокруживме заедничката соработка која датира уште од 2015/2016 година, рече Мирјана Чизмаров, директорка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во Србија.
Овој вид на Меморандум во цивилното воздухопловство за потрага и спасување е прв кој е потпишан во Европа. Ваков нема ни во Европска Унија. Многу сум горда што регионот го покажа значењето што оваа тема може да го има како за регионот, така и за целата Европа и светот. Овој Меморандум претставува еден пример за целиот свет и влегува во аналите како еден акт кој треба да го имаат сите останати земји во светот. Регионалната сороаботка дава огромен придонес кон прашањата кои на глобално ниво не се регулирани, додаде Чизмаров.
Инаку, Македонија ќе почне токму оваа година да претседава со Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство (RASARAC).
Постоењето на овој комитет е од големо значење за сите држави членки кој до овој момент се десет, а интерес има и кај уште три држави од југоисточна Европа
Н.С.Ј.
фото. К.С.