По сториите на OhridNews и другите медиуми за проблемите со кои се соочуваат станарите и сопствениците на деловни објекти во опожарената зграда на бул.„Туристичка“, градоначалникот на општина Охрид ги мобилизира сите надлежни служби, кои од денеска интензивно работат на санирање на оштетувањата.

Во пожарот целосно е уништена електричната инсталација во зградата, како и броилата, кои целосно ќе бидат заменети.

-Утрово имаше состанок на претставници од противпожарната служба, Телеком, ЕВН, Цивилна заштита и стручната екипа на локалната самоуправа, а активно учество во решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните во опожарената зграда зедоа и членови на градскиот совет. Стручна фирма од Охрид започна санација на изгорените ормари, додека ЕВН презеде одговорност да ги санира каблите до самите ормари и да ги замени броилата. Се надеваме дека за седум до десет дена се ќе биде завршено.-изјави Климе Шешоски, член на градскиот Совет.


Климе Шешоски

Жителите на станбената зграда изразија благодарност до медиумите за актуелизирањето на случајот, како и до градоначалникот, локалната самоуправа, Советот и сите стручни лица, фирми и служби за брзата реакција и помошта што им ја укажуваат.

-Ние се уште се снаоѓаме по пријатели и роднини, но се надеваме дека брзо ќе биде оспособена зградата и ќе се врати нормалното живеење, изјави Белинда Андоновска, жител на опожарената зграда.


Белинда Андоновска

Таа упати апел до ЕВН да ги обезбеди ормарчињата со броила со цел да не може никој да пристапи до нив, за да не се случи немил настан како тој во неделата, а граѓаните да не се обидуваат сами да ги решат проблемите со електрична енергија, туку да се обратат на стручните служби.

Во неделата вечерта, во зградата бр. 4 на бул. „Туристичка“ избувна голем пожар од броилата за ел. енергија, кој со брза интервенција на професионалната противпожарба служба беше изгаснат за неполн час. Причините за пожарот ги утврдува истрагата, но сомневањата се дека се работи за човечки фактор. Покрај електричната инсталација во пожарот оштетена е и внтарешноста во влезот. Чадот продрел поинтензивно во становите на пониските катови и деловните објекти на приземјето, а непријатната миризба силно се чувствува во целиот објект, поради што станарите кои не ги напуштија своите домови поголемиот дел од времето го минуваат во дворот пред зградата.

Г.М.