Вкупно 185 корисници на психотропни супстанции, се регистрирани во осумгодишното постоење на Дневниот центар за корисници на дроги и членови на нивните семејства. Оваа институција која работи во рамките на ЈУМЦ за социјална работа Охрид, со години наназад преку низа активности, успешно ги ресоцијализира не само зависниците од градот, туку и од поширокиот регион.
Тимот составен од тројца социјални работници и еден психолог, во своите програми ги вклучуваат лицата кои се поранешни зависници од хероин, а се лекуваат со метадонска терапија. Целта е да се направи потполна рехабилитација и реинтеграција, како оваа целна група повторно би се вклучила во општествениот живот.
„Овој центар претставува социјален третман на лекување, бидејќи порано беше присутен само здравствениот модел. Се појдува од психо-социјалната компонента, нормално во корелација со метадонската терапија. Вкупната бројка на регистрирани нарко-зависници заедно со членовите на нивните семејства, изнесува 317.“ – вели Горан Поп-Марков , дипломиран социјален работник и координатор на Дневниот центар на корисници дроги и членови на нивните семејства.
Еден од најбитните сегменти во социјалната компонента на лекување, се семејствата на зависниците од опојни дроги, кои можат да придонесат за целосна рехабилитација на овие лица.
„Многу е битно да се посочат членовите на семејствата, бидејќи корисниците имале проблеми не само со зависноста, туку и со нив. Проблемот на зависникот го живеат сите што се во неговото опкружување. Затоа ги вклучуваме нивните најблиски, бидејќи со тоа успехот е многу поголем.“ – додава Поп-Марков.
За секој корисник на овие услуги, индивидуално се изработува посебна програма, која се реализира во текот на една календарска година, односно во првите 6 месеци. Третманот опфаќа широк спектар на услуги, преку кои се остваруваат зацртаните цели.
„Со нашиот третман, комплетно го опфаќаме корисникот и членовите на семејствата. Почнувајќи од интервенции, обезбедување документи, односно запознавање со нивните права во социјалната заштита. За реализирање на сите тие активности, ние индивидувално разговараме со овие лица. Конкретно работиме со лица, кои порано го користеле хероинот, а моментално се вклучени во метадонскиот програм.“ – истакнува координаторот на овој Дневен центар.
Како дел од програмските активности, создадена е креативна работилница, преку која во изминатиов период успешно се изработени различни уметнички дела.
„Таа е единствена во земјава, која постои во ваквиот тип на центри. Пред неколку години, имавме и успешна презентација, односно за прв пат успеавме да направиме ликовна изложба со дела на корисниците на дроги од овој дневен центар. Тоа беше пријатно изненадување за сите и чекор напред во нивната успешна ресоцијализаација и дестигматизација.“ – вели Поп-Марков
Дневниот центар во Охрид работи на регионално ниво, со оглед на тоа што покрај охриѓани, во оваа институција се вклучени и зависниците од Струга, Кичево и околината. Како што истакнува Поп-Марков, потребно е да се изградат вакви центри и во околните градови, како би им се олеснало на овие лица соодветно да се рехабилитираат.
„На почетокот, воглавно корисници на нашите услуги беа охриѓани, но со тек на време нашиот центар стана регионален. Потребно е да има центри од слична природа во некои градови, каде на зависниците ќе им се овозможи барем метадонска терапија. Нашиот центар работи од понеделник до петок, а фрекфентноста во текот на еден ден е од 60-65 корисници.“ – додава Поп-Марков.
Исто така, често пати граѓаните го посетуваат Дневниот центар, барајќи одговор и совети поврзани со социјалниот живот и социјалната интерграција.
„Пристапот е самоиницијативен. Секој може да дојде, да се посоветува. Ние сме тука да им помогнеме на сите кои сакаат да знаат повеќе за оваа област. Иако нашиот метод на работа не е конкретно базиран за такви услуги, ние полека навлегуваме во полето на советувалиште. Тоа доаѓа од немањето друг центар, кој може да даде одговор, услуга или упат за некоја конкретна активност поврзана со оваа проблематика.“ – додаваат од Центарот.
Инаку, Дневниот центар работи во рамките на Јавната установа меѓуопштински центар за социјална работа – Охрид, односно во склоп на Министерството за труд и социјална политика, секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот.
О.Т.