Едни го критикуваат, други го посакуваат, а сите на различен начин го толкуваат значењето на најголемиот празник посветен на жената, 8-ми Март. Сепак понежниот пол  со заеднички став – на жените им е потребно повеќе внимание во текот на целата година, а за овој ден доволно е само скромен подарок во знак на почит.

Но и оваа година, охридските трговци нагласуваат дека продажбата на подароци е се послаба, а статистички најмногу купуваат жените.

Некогаш работевме со полн капацитет и неколку денови пред овој празник. Но секоја година, е послабо и послабо. Статистички, мажите купуваат најмалку, а жените купуваат за себе или се разменуваат со подароци. Тоа се најчесто практични работи, додека претставниците на „посилниот“ пол,  купуваат парфеми зависно од нивната финасиска моќ.“ – велат од парфимеријата „Тамара“.

Од цвеќарата „Нарцис2“ потенцираат дека без разлика дали ќе биде подарена ружа или не, најважно од се е вниманието на жената.

Претставничките на понежниот пол имаат потреба од внимание преку целата година. Иако продажбата оди слабо и е намалена во споредба со другите години, најмногу се купуваат каранфили, ружа и саксиско цвеќе.“ – велат од цвеќарата „Нарцис 2“.

Некогаш овој ден се одбележуваше со свечености и масовни прослави. Но „новото“ време носи нови погледи, нови навики, а и празнувањето на овој ден не е како некогаш. Сепак од хотелот „Гарден“ велат дека капацитетите во попладневните часови се однапред резервирани, додека за вечерта се најавени групи гости.

Во попладневните часови ќе сме целосно исполнети, додека за вечерта е најавена поголрма група гости. За сместувачкиот дел не смееме да се пожалиме, солидно сме исполнети, претежно со домашни туристи.“ – велат од хотел „Гарден“.

Инаку, идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените, потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистирало социјалистичко движење. Првиот Ден на жената бил одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во тоа време, жените на масовни собири претежно во западниот свет, бараат право на работа, иста плата за иста работа, еднакви можности за работа и образование, слободно воспитување на децата и можност за бесплатно згрижување на децата, безбедна контрацепција и легална и безбедна можност за абортус. На Социјалистичката интернационала во Копенхаген во 1910 година предложено е одредување на Меѓународен ден на жената со кој треба да се одбележи движењето за правата на жената, а за прв пат тој официјално е одбележан на 19 март 1911. Во 1975 година со Повелба, ОН предложија за Меѓународен ден на жената да се одбележува 8-ми Март

O.T.