Во чест на Божикните празници, Лајонс клубот Лихнидос и компанијата ПАП – Охрид изведоа нов подвиг, осветлувајќи ги крстовите на куполите од Катедралната црква Св. Софија. На височина од 18 метри, екипата од ПАП изврши елегантен зафат, со што се заокружи надворешното осветлување на најголемиот и најзначајниот духовен храм во Македонија.

Им благодарам на Д-р Ристе Попоски и Проф. Златко Гаврилоски, за нивната пожртвуваност и стручна помош. Ретки се луѓето со таква храброст и безгранична љубов кон својот град. Ова е најдобар начин да го озваничиме новиот заеднички проект “Охрид – град на илјада крстови”. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.

Имиџот на Охрид како свето место и како атрактивна туристичка дестинација се гради токму со вакви проекти, додава Тунтев.

Идејата за означување на илјада крстови тлее поодамна, уште од 2017 година. Досега се изведени над 300 зафати, од кои последни во таа низа се куполните крстови на Св. Софија и лебдечкиот олтарен крст во Св. Јован Канео. Доколку во следните две години се оди според планот, последниот, илјадитиот крст, ќе биде поставен и осветлен на езерското дно, на посебно место поврзано со оригиналната локација каде од памтивек се фрлал Светиот Богојавленски крст. – потенцираше Проф. Тунтев.

OhridNews