На празникот Св. Јован во Охрид се одбележува Денот на рибарите. Овој празник е востановен во поранешниот систем кога било забрането фрлање на крстот во водите на Охридското Езеро, па охриѓани се сетиле да организираат капење на рибарите, кога всушност скришно се фрлал крстот.
Од 1992 година празникот Водици слободно се одбележува во Охрид, но и натаму на 20-ти јануари останува традицијата на зимско капење во студените езерски води за здравје и бериќет. Од година во година оваа манифестација се збогатува со разни збиднувања, а од 2012 година на овој ден се подготвува и рибина чорба. Годинава охриѓани токмат 3,3 тони рибина чорба со која ќе атакуваат на Гинисовиот рекорд кој го држи еден американски колеџ, кој во минатото успеал да приготви 3 020 килограми чорба.
Чорбата ја подготвуваат професори и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, а потребните намирници ги обезбеди фирмата „Дасс инженеринг“.За подготовка на чорбата за Гинис ќе бидат употребени 500кг лосос, 200кг ослиќ и 150кг калифорниска пастрмка, како и 140кг морков, 50кг целер, 20кг пашканат, 110 литри масло, 100кг брашно за запршката, 200 туфчина магдонос и 20кг вегета и сол.
-Посебна чест ми причинува да направиме едно вакво дело со кое Охрид ќе излезе од границите на нашата држава. Со оваа чорба што ја подготвуваме мислам ќе постигнеме рекорд, а се подготвуваме догодина да направиме недостижен рекорд со повеќе од пет тони рибина чорба-изјави Сандре Трпоски сопственик на „Дасс инженеринг“, спонзор на обидот за уривање на Гинисовиот рекорд.
Манифестацијата која започнува околу пладне ќе биде збогатена со староградска музика која во живо ќе ја изведуваат триесетина охридски музичари, а празнувањето ќе биде заокружено со фрлање на бурињата со вино во водите на Охридското Езеро. Се очекува меѓу капачите кои ќе скокаат по бурињата да биде и поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере.