Вкупно 296 сообраќајни прекршоци биле регистрирани во Охрид, Струга, Кичево и Дебар во првите два дена од функционирањето на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“, соопшти СВР Охрид.

Во првиот ден од функционирањето на системот на 12 октомври, биле регистрирани 148 прекршоци, а во текот на вториот ден до 19 часот, биле евидентирани уште 148.

Најголемиот дел се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор, како и управување со нерегистрирани возила. Сите регистрирани прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата со кои се сторени прекршоците се доставуваат известувања преку СМС-пораки на мобилните телефони и на електронските адреси, велат од СВР Охрид.

Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

Воедно, укажуваат дека системот „Безбеден град“ има за цел да придонесе кон подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

OhridNews