Вкупно 296 сообраќајни прекршоци биле регистрирани во Охрид, Струга, Кичево и Дебар во првите два дена од функционирањето на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“, соопшти СВР Охрид.

Најголемиот дел се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор, како и управување со нерегистрирани возила. Сите регистрирани прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата со кои се сторени прекршоците се доставуваат известувања преку СМС-пораки на мобилните телефони и на електронските адреси, велат од СВР Охрид.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
Воедно, укажуваат дека системот „Безбеден град“ има за цел да придонесе кон подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
OhridNews











