Приближно 200 дефекти во канализационата мрежа за месец дена се санирани со донираното возило од страна на Јапонската амбасада за ЈП „Нискоградба“ Охрид.

На денешната презентација на комуналното возило за брза санација на дефектите на канализационата мрежа во Охрид беше потенцирано дека со користењето на ова возило се придонесува кон заштитата на животната средина и пред и се на Охридското Езеро.

Станува збор за голема донација на Јапонската влада вредна 60,640.00 евра. Имајќи ја предвид заложбата на Општина Охрид за заштита на животната средина, акцентирајќи ја заштитата на Охридското Езеро, оваа донација доаѓа во вистински момент. Со новото комунално возило се врши брза и навремена санација на дефктите на канализационата мрежа при што многу ефикасно започнавме да се справуваме со загадувањето. Секако тука има уште доста работа, но сум сум уверен дека претходните средби со делегациите од Јапонија и поддршката што Јапонската амбасада и лично Амбасадорот ја даваат на Општина Охрид ќе резултира со скоро решавања на овој проблем. Убеден сум дека веќе добрата меѓусебна соработка која ја негуваме ќе придонесе и во иднина да бидеме дел од вакви настани, кои по своето значење се повеќе од локални, бидејќи заштитата на животната средина е светска обврска, не само локална, истакна градоначалникот Кирил Пецаков потенцирајќи дека и во иднина ќе продолжи да се развива оваа соработка.

Возилото е донација во рамки на програмата на Јапонската амбасада за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност (GGP), рече амбасадор на Јапонија во Р. Македонија, Оцука Казуја, потенцирајќи дека ова е шести проект кој се реализира во Општина Охрид.

Особено сме горди што го обезбедуваме ова возило кое придонесува за намалување на загадувањето на древното и убаво Охридско Езеро. Со навремена и ефикасна санација на канализацијата што се обезбедува со ова возило, загадувањето на езерото ќе биде намалено. И за ова кратко време на користење веќе остава значајно влијание. GGP програмата е еден од столбовите на нашата соработка со Северна Македонија, додаде Казуја.

Директорот на ЈП „Нискоградба“ Александар Трпеноски истакна дека со ова возило јавното претпријатие ја остварува улогата на своето постоење со поефикасно и поефективно работење и навремено санирање на дефектите кои се јавуваат во канализационата мрежа на ниво на Општина Охрид.

Донираното возило веќе еден месец е пуштено во употреба. Статистиката за овој временски период покажа видливи резултати и уште еднаш ја оправда потребата за ваков тип на возила, бидејќи за овој краток временски период со помош на возилото ЈП „Нискоградба“ успеа да санира приближно 200 дефекти во канализационата мрежа. Од нив голем дел се во стариот дел од градот кој претставува специфичен терен за работа. Во однос на трошоците за одржување забележан е пад за 48%, а исто така намалени се и трошоците за гориво. Сето ова придонесува ЈП на долг рок да ја зголеми својата ефикаснот, продуктивност и ефективност во обавување на својата дејност во служба на граѓаните и Општината и активно да учествува во заложбата за чување на животната средина, со посебен акцент на Охридско Езеро, додаде Трпеноски.

Беше потенцирано дека од 1996 година Јапонија со вкупно 8,9 милиони евра има поддржано 177 GGP проекти во секторот здравство, образование и животна средина во државава, а во рамки на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи нашата држава во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата во Европска Унија.

Н.С.Ј.