По една година откако концесионерот „Пастрмка 2012“ го презеде управувањето со рибниот фонд во Охридското Езеро и физичката заштита, рибокрадството на најголемото природно езеро во Македонија е намалено за 90 проценти.

-Главен приоритет по добивање на концесијата за стопански и рекреативен риболов ни беше физичката заштита на Охридското Езеро. Формиравме рибочуварска служба со 14 редовно вработени рибочувари и уште толку се ангажирани од приватна агенција за обезбедување. Во време на криза вработивме 58 лица од Охрид и Струга, набавивме софистицирана опрема за набљудување, два глисери и 30 други пловни објекти и ги исполнивме сите услови пропишани во Законот за рибарство и аквакултура, вели Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“, според кого ваква физичка заштитa Охридското Езеро немало никогаш. 

Од почетокот на концесијата рибочуварските служби секојдневно го контролираат езерото и спроведуваат акции во македонскиот дел од езерото во што имаат голема помош и поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министертсвото за внатрешни работи, посочува Танасоски.

-Поднесени се 15 кривични пријави и 30 прекршочни пријави, а запленети се над 20 километри мрежи.-додава Танасоски.

Преземените мерки во голема мера ја подобрија заштитата на рибниот фонд во Охридското Езеро, но и натаму загрижува состојбата со ендемскиот вид пастрмка, која поради неконтролираниот излов во периодот пред концесијата ја нема на местата кои се нејзино природно живеалиште. Затоа таа не се лови за стопански цели и ја нема во продажба на пазарот, велат од „Пастрмка 2013“.

-Сепак радува фактот што годинава за потребите на вештачкиот мрест, благодарение на преземените мерки за физичка заштита на езерото, собрани се рекордни количини икра од пастрмка. Подготвени сме со помош на институциите во иднина уште повеќе да го зголемиме подмладокот на пастрмка одгледуван во вештачки услови, со цел за неколку години таа да се врати во Охридското Езеро, а со тоа и на пазарот и трпезите.-рече Танасоски.

Тој истакнува дека во периодот кога Македонија прогласи мораториум за риболов, пастрмката слободно се ловеше во албанскиот дел од езерото, но и од рибокраците на македонска територија, а рибата преку разни канали завршуваше на нелегалниот пазар, како и во дел од угостителските објекти, кои и покрај забраната ја имаа на своето мени.

Според Танасоски состојбата со другиот ендемски вид риба во Охридското Езеро, белвицата, е поповолна, што се должи на преземените мерки на заштита.

-Во периодот кога ја преземавме концесијата рибниот фонд на белвица беше десеткуван и постоеше опасност сериозно да биде загрозен опстанокот на овој ендемски вид риба поради неконтролираниот и неселективен излов на маломерна риба пред таа да достигне полова зрелост. Затоа се преземаат сериозни мерки за заштита и обновување и на рибниот фонд на белвица. Доколку и неа ја нема на пазарот тоа е заради мерките на заштита и ограничените количини за излов согласно риболовната основа за Охридското Езеро, појаснува Танасоски. 

Што се однесува до другите видови риба, се прават напори за обновување на природните плодишта на плашица кои се уништени, додека популацијата на крап со преземените мерки на заштита во сезоната на мрест се очекува значително да се зголеми, информира концесионерот на Охридското Езеро. 

Покрај за стопанскиот, концесионерот „Пастрмка 2012“ се грижи и за рекреативниот риболов на Охридското Езеро. Формирано е спортско рибололовното друштво и клуб „Св. Стефан“ во чии рамки работат и младински екипи, кои веќе бележат значајни резултати на државните првенства. Клубот, како што истакнува концесионерот, се грижи за интересите на рекреативните и спортските риболовци, а по пауза од 8 години обновен е блинкерот на Охридското Езеро, кој има голема традиција помеѓу охриѓани.

OhridNews