Факултетот за туризам и угостителство од Охрид се противи на предлогот на локалната самоуправа која во Нацрт Деталниот урбанистички план за локацијата каде се наоѓа институцијата предвидува пренамена на просторот од образование во времено сместување, односно хотелско – угостителска дејност.  За ова ќе расправа Советот на општина Охрид на претстојната седница на 29-ти јуни, што беше повод Управата на факултетот денеска да одржи вонредна седница на која едногласно била отфрлена иницијативата на градските власти.


-Изразуваме длабоко жалење што предлагачот на планот, односно општина Охрид, нуди решение кое што е во спротивност со сите меѓународни стандарди и норми за лоцирање на факултети за туризам. Не мора да одиме подалеку, во соседството не само што не го попречуваат развојот и постоењето на вакви институции, туку напротив ги поддржуваат, изјави деканот на ФТУ Охрид, Сашо Коруноски, посочувајќи дека е жално што во годината кога оваа реномирана високообразовна институција слави 40-годишен јубилеј се разговара за разградување, па дури и за уништување на една институција која е заштитен знак на градот Охрид.



Коруноски истакна дека за Факултетот е неприфатлив предлогот за дислокација на установата во новиот образовен комплекс кој се предвидува на просторот на касарната, најавувајќи дека институцијата ќе ги употреби сите правни средства за заштита на сопствените интереси.

– Не прифаќаме по никоја цена дислокација на Факултетот за туризам од зградата каде е сега сместен која вреди милиони и за која постојано добиваме пофалби од странските колеги за опременоста. Кој може да си дозволи сега овде да дојдат багери и да рушат, ни најбогатите земји во светот таков луксуз не би си дозволиле, рече Коруноски, укажувајќи дека за проблемот ФТУ ги алармирал ректорот и министарот за образование и наука.


Од локалната самоуправа објаснуваат дека целта на измените на ДУП за просторот каде е сместен Факултетот за туризам не е дислокација на институцијата, освен доколку таа самата не донесе таква одлука.

– Согласно Генералниот урбанистички план на тој простор предвиден е хотелско – угостителски комплекс, но тоа не мора да значи дислокација на Факултетот за туризам во чија сопственост е зградата каде е сместен и тој може да продолжи да функционира тука и понатаму, а доколку тие сами сакаат да се дислоцираат тогаш на тој простор може да се градат содржини предвидени со овој план, објаснува Бранко Арнаудоски, раководител на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.


 
Арнаудоски појасни дека со измените кои ќе се најдат на дневен ред на 29-та седница на Советот, ќе се овозможи проширување на образовната дејност на ФТУ Охрид и дека тоа ќе биде од полза на институцијата. 

-На претстојната седница на Советот, општина Охрид бара на просторот каде што е лоциран факултетот да се предвиди изградба на универзитетско-хотелски комплекс во кој ќе егзистира постојниот Факултет за туризам и угостителство, а се во функција на поврзување на науката со праксата, посочи Арнаудоски.

Од општина Охрид укажуваат дека Нацрт деталниот план за просторот каде се наоѓа ФТУ Охрид, ќе биде ставен на јавна расправа и дека за истиот ќе можат да се произнесат засегнатите страни и експертската јавност.

Горан Момироски