(Пишува: Дим Дон, еден од Вас)

“И до кога вака,
сестри мили и браќа…
кој ли и каква
порака
ни праќа,
та од лебот
да ми се повраќа
и од водата
да ми се гнаси:
кој ли Господ ќе не спаси?!”
(Ода на жалоста)

До кога?
Велам, до кога?
Ве прашувам Вас: до кога?
Ве повикувам Вас: до кога?
Вам Ви викам: до кога?!
И Ве проколнувам: ДО КОГА?!
Има ли ум Во Вашите глави?
Има ли срце во Вашите гради?
Има ли жар во Вашите срца?!
Има ли пламен во Вашите очи?!
Имате ли за предците почит?!
За  децата, за потомците отчет?!

О, прекутри Вие,
дојдени од задкарпатите,
о, нестручни Вие
без панделки на лопатите,
што не знаете
кој Ви е темелот,
а кој плевелот,
што не знаете
кај Ви е Изгревот
и кај Ви е Гревот!

О, претивки Вие
што немате
ни збор, ни глас,
ни шепот еден
татковински вреден!

О, беспомошни Вие,
што дозволивте да ви се урнат
и домовите и храмовите,
и авионите и хеликоптерите,
и пилотите и стјуардесите,
и возачите на мерцедесите!

О, уплашени Вие
што ги растуривте
и тигрите и лавовите,
што ги продадовте
и тенковите и топовите,
што им простивте
на оние во рововите,
за тетовирањата врз грбовите
за карпалаците по друмовите,
за жртвите по судовите!
Толку ли Ви сечеа умовите,
од птичји гракања да се уплашите,
од божемсвоите, од “нашите”?!

О, немудри Вие,
што се повлекувате
и сè повлекувате,
од светото што се одрекувате!

О, тешкоболни Вие,
што така векувате:
без грб и без знаме,
без ум и без памет,
без име и без народ!

О, ова ли е мојот Род,
мојот Древен Народ;
плод ли е или изрод?!

О Каине, о, Авеле,
од овде ли ум зедовте,
та од брата брат одзедовте?!

О, Цезаре, о, Бруте, сине,
зар од кај нас породнински се гине!?

О, библиско племе мое свето,
зар вака ќе друмуваме по светот?!
…А ќе дојде денот
кога ќе нарасне гневот,
и кој тогаш, кутри,
ќе Ви прости за гревот,
што и грбот, еј, и грбот
го заменивте со мевот,
славата, славата со потсмевот?!
Кој од немир, бедни, ќе Ве спаси
и од бесот и од гневот?!

О, свиткани, наведнати Вие
кој образот ќе Ви го измие,
што допуштивте знаме
на пола копје да се вие?!

О, горделиви, занесени,
каде ви е срамот
за пепелта од храмот,
каде ви се конаците
пармаците и чардаците,
кој Ви ги подметна оџаците?!
(не, не се, нели, качаците!?)
Та, вака ли се чуваат
иконите и длаборезите
– од памтивек белезите?!
О, фиљан момци,
од фиљан земја,
од зад трски бродоломци,
што се случи фиљанденот,
заш’ пропадна Илинденот?!

О, Блаже, о, Гане,
“кај ќе ни е алот”
со вакви бедни,
без’рбетни,
обезглавени,
а заглавени,
обезмадени,
испокрадени
и меѓусебе
зајадени!

О, безимени,
без главата горе –
потсетете се:
Татковината имаше
и Глава и Море!

П.С. Колумнава е во форма на песна-елегија за да Ви олесни на душата, барем додека ја читате!

Авторот е претседател
на Здружението на граѓани

РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА