Д-р Владо Кочоски, кој повеќе од две децении работи како лекар хирург во струшката Општа болница, со подршка на ВМРО-ДПМНЕ ќе се трка за градоначалничката функција во општина Струга. Кочоски вели дека е симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ и верува дека со  поддршка на партијата може да ги придобие гласовите на граѓаните  на Струга.

– Ако не верував дека ќе ги добијам гласовите на граѓаните немаше да се пријавам. Ќе бидам кандидат за градоначалник фактички на сите граѓани без оглед на партиска припадност. За жал Струга како да е замрена 30-на години, како да  стои во место. Ако станам  градоначалник ќе се посветам на зголемување на инвестициите во стопанството, спортот, туризмот, изјави Д-р Кочоски.

Д-р Владо Кочоски беше изборна желба и на општинската организација на СДСМ од Струга. Оттаму информираат дека биле остварени контакти со Кочоски и се размислувало тој да биде предложен како кандидат од оваа партија. Дали може да се очекува дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ ќе ја добие поддршката и од членството на СДМС, ќе зависи од расплетот на политичката криза, потенцираат од општинската СДСМ.

–  За кандидатурата разбравме од медиумите и му честитам на д- р Кочоски за кандидатурата. Ние мора да се раковориме по насоките од централата. Денес ќе има став дали ќе се оди или не на избори, се ќе зависи од одлуката на централното раководство.-изјави Ристе Ќушкоски, претседател на ОО на СДСМ Струга.

Покрај кандидатот од ВМРО ДПМНЕ, за градоначалничката функција во Струга ќе атакуваат уште двајца други лекари. Кандидатот на ДУИ е пулмологот Арбен Лабеништа, а од ДПА лекарот Зијадин Селја.

OhridNews