ЛДП е сериозно загрижена од, како што се наведува во соопштението, неекономското однесувањето на в.д директорот на Ј.П Билјанини Извори. „Имено, општо познато е дека ЈП Билјанини Извори се наоѓа во сериозна и критична економска состојба од натоварените долгови од минатиот период. Место да се бара начини за извлекување од оваа состојба во која се наоѓа Ј.П, в.д Цветковски продолжува со недомаќинско однесување, организирајќи настани кои не само што немаат економска оправданост туку напротив ја зголемуваат загубата на јавното претпријатие. Неофицијално, организираниот кошаркарски натпревар пред некој период, го оптоварил јавното претпријатие со нов сериозен долг. За жал, за сето ова недомаќинско работење, Цветкоски спасот го гледа во отпуштање вработени, спротивно на ветувањата дадени од Градоначалникот за време на предизборната кампања дека на нити еден човек нема да му биде неосновано прекинат работниот однос.“-стои во соопштението на ЛДП.
Оттаму најавуваат дека ќе реагираат на секое неосновано прекинување на работен однос на кој и да било вработен во кое и да било Ј.П, сокриено под плаштот на нова систематизација,
ЛДП прашува колку илјади евра за организација на кошаркарскиот турнир го чинеше Ј.П Билјанини Извории и кој е финансискиот ефект и бара од градоначалникот Бакрачески веднаш да го разреши Цветковски.
Директорот на ЈП „Билјанини извори“, Иван Цветкоски, смета дека реакцијата на ЛДП е политички мотивирана, посочувајќи дека спомнатиот спортски настан претставува продолжување на една прекината традиција, која во иднина на Охрид ќе му донесе голем бенефит.
„Не секогаш рентабилноста на еден спортски настан ни дава за право да даваме оценка дали требало или не требало да ја организираме. За жал оваа констатација можат да ја разберат само тие што работеле во спортот и што некогаш биле дел од организација на некој спортски настан. Враќањето на традицијата, организирањето на врвен спортски настан, сегашната и идна соработка со приватните компании, афирмацијата на градот, развојот на спортскиот туризам, продолжувањето на сезоната, посетата на високите гости од кошарката, директните преноси на МТВ и секако учетвото на децата во организацијата на финалниот ден како и посетата на кошаркарите на МЗТ на ОУ Христо Узунов за нас се причина и стратегија за која што треба да се обединиме затоа што убеден сум дека една ваква традиција ќе донесе огромен бенефит како за развојот на децата и спортот така и финансиски за претпријатието и самиот Град.“-возвраќа на обвинувањата на ЛДП, Иван Цветкоски.
OhridNews