Пациентите кои ќе имаат потреба да се лекуваат во странство, во иднина ќе плаќаат партиципација само од 200 евра, додека останатите трошоци ќе бидат на товар на Фондот за здравство. Оваа одлука ја усвои владата на минатата седница , информираше портпаролот Александар Ѓорѓиев денеска на прес-конференција.

– За лекување во странство се потребни и повеќе стотици илјади евра, односно лично учество на пациентот и до неколку десетици илјади евра. Сега лекувањето во странство на ќе биде достапно за само 12.000 денари, а остатокот од трошокот колкав и да е ќе го плати државата, истакна  Ѓорѓиев.

Во постапките за остварување на ова право ќе одлучува директорот на ФЗО врз основа на мислењата на првостепена односно второстепена лекарска комисија за лекување во странство. Против донесеното решение, осигуреното лице има право на жалба до УО на ФЗО во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Новина е и тоа што пациентите кои нема да можат да го добијат потребното лекување во јавното здравство, сега доколку е можно, таа услуга ќе може да ја добијат во приватните болници во Македонија со кои ФЗОМ има склучено договори.

OhridNews