Со новите измени на Законот за семејство кои стапија во сила оваа недела, на јасен, презициран и унифициран начин се уредува  заштита на децата од злоупотреба од питачење и се овозможува недвосмислена грижа за спречување на злоупотребата на децата. Наведувањето на детето на питачење или користење на детето за питачење ќе се смета за злоупотреба и грубо занемарување на вршење на родителските должности и се прецизира постапувањето на центарот за социјална работа. Имено, во случаите, кога центарот за социјална работа, ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење,центарот за социјални работи ќе му укаже на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, задолжително ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право и ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и со детето.

Доколку родителот на детето не постапи по укажувањата на центарот за социјална работа и повторно го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, тогаш центарот за социјална работа, веднаш времено ќе го одземе детето од родителот, покренува постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително  поднесува кривична пријава против родителот кој го злоупотребува и занемарува родителското право, обезбедува соодветно згрижување на детето и презема  мерки  за  заштита  на  правата и интересите на малолетното дете, до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право.

 Ако со наведувањето на детето на питачење или со користење на детето за питачење, родителот го довел во опасност животот на детето, тогаш центарот за социјална работа е должен веднаш времено да го одземе детето од родителот, да обезбеди соодветно згрижување на детето, да преземе мерки за заштита на правата и интересите на детето до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право и да поведе постапка за одземање на родителско право како и да покрене кривична пријава. 

Заради реализација на целите поради кои се направени измените на Законот, а со цел обезбедување на  животот и здравјето на  децата, Министерството за труд и социјална политика воведува три нови задолженија за Центрите за социјална работа- задолжителен здравствен преглед за децата питачи во здравствените установи, во сите Центри за социјална работа ќе има лице за координација и стручен тим кои ќе бидат постојано достапни  и ќе интервенираат веднаш по пријавата од граѓани, за непочитувањето на законот од страна на стручните и одговорните лица во центрите за социјална работа предвидени се казни.

OhridNews