Со проекција на филмот „За луѓето и боговите“ и церемонијата на доделување на награди, синоќа беше спуштена завесата на 4-то издание на Фестивалот на француски филм Охрид 2011.

Добитник на наградата „Златна маска“ за животно дело оваа година е Ив Боасе, инаку почесен претседател на фестивалот.

-Ив Боасе зад себе има четириесетина играни филмови, наградуван е во Кан, Венеција и Берлин, така што мислам дека наградата отиде во вистински раце, изјави Зоран Велјаноски – Летра, директорот на фестивалот.


Тој е задоволен  од посетеноста на четирите денови од фестивалот на кој беа прикажани десет краткометражни и долгометражни филмови кои ги проследија  над 2000 гледачи.

-Лично сум задоволен од одзивот на публиката и можам да кажам дека оваа година имавме и најдобра програма со наградувани филмови на престижни фестивали. Навремено ја добивме и неопходната поддршка од Министерството за култура, градот Охрид,  од француската амбасада и францускиот културен центар, така што успешно ќе ги реализираме сите обврски кон учесниците на фестивалот, истакна Велјаноски.


Според него Фестивалот на француски филм во Охрид има перспектива и предиспозиции да го достигне успехот на големите филмски фестивали во Европа.

-Единствено ни фали подобра промоција, местоположбата на киното во Охрид е совршена и мислам дека за неколку години ќе се вброиме во оние фестивали каде доаѓаат големи филмски ѕвезди кои привлекуваат многу публика, но и спонзори и инвестиции во филмската индустрија, вели Летра.

Догодина Фестивалот на француски филм во Охрид ќе одбележи мал јубилеј, 5 години постоење, а интенција на организаторот е да се подобрат техничките услови на што се работи. Со поддршка на Министерството за култура препокриен е покривот на Центарот за култура, променет е теписонот, поставено е ново филмско платно, а се прават напори да се набави дигитален 35 милиметарски  прожектор, кој е неопходен за вакви манифестации, додава директорот на фестивалот.

OhridNews