За непочитување на Правилникот за внатрешна пловидба кој веќе е на сила, предвидени се високи казни, а инспекторите за внатрешна пловидба во одредени случаи кога сериозно е загрозена безбедноста времено ќе одземаат пловила.

– Претоварен чамец подлежи и на времено одземање. Апелирам до сопствениците на пловните објекти да ги почитуваат правилата.-истакна Горан Устијаноски, раководител на Капетанијата на пристаништата – Охрид.

Согласно правилникот за внатрешна пловидба, кајчињата задолжително ќе треба да поседуваат идентификациска плочки, како и соодветна опрема.

Секој пловен објект треба да има идентификациска плочка, ако е фабрички изграден ќе има од самата фабрика, ако е самостојно граден ќе добие бесплатно плочка од Капетанија со заштитен жиг што ќе ја олесни работата на органите при кражби, бидејки многу полесно ќе се идентификуваат пловните објекти. Порано еден мајстор правеше и по 10 исти кајчиња и тешко се докажува сопственоста при кражби, а сега со оваа мерка тоа ќе се олесни.-појасни Устијаноски.

Покрај ова, такси кајчињата кои ќе пловат на подалечни дестинации ќе треба да поседуваат радиоврска, која е задолжителна за поголемите пловни објекти, односно за глисерите и бродовите.

-Такси превозниците прво треба да ги регистрираат пловните објекти за такси превоз, бидејќи во минатото сите беа регистрирани за рекреативна пловидба. Од опрема треба да имаат своја радиостаница може и мобилна. Таксистите за вршење на такси служба од каналот до Горица и поблиски дестинации немаат обврска да имаат радиостаница, но доколку сакаат да пловат на подалечни дестинации треба да се поврзани со радиоврска со капетанијата со цел ние да знаеме во секој момент каде се, а исто така треба и да поседуваат безбедносна опрема која вклучува и таканаречен венец за спасување.-истакна Устијаноски.

OhridNews