Тешката сообраќајна несреќа што пред два дена се случи во близина на селото Арбиново, Дебрца, во која животот го загуби едно лице, уште еднаш го отвори прашањето за безбедноста на магистралниот патен правец Охрид – Кичево. На тоа укажуваат и статистичките податоци на Секторот за внатрешни работи Охрид, кои се загрижувачки.

Од почетокот на 2021 година до денеска, на патниот правец Охрид-Кичево, регистрирани се 15 сообраќајни незгоди со 10 тешко повредени лица и една жртва, додека, во текот на 2020 година, евидентирани се вкупно 69 сообраќајни незгоди со 33 тешко повредени лица и 02 жртви, информира СВР Охрид.

Според полицијата, најчести причини за сообраќајните незгоди и понатаму остануваат, непридржување на брзината на движење пропишана на патниот правец, неприлагодување на брзината на движење спрема условите на патот, управување моторно возило под дејство на алкохол, зборување на мобилен телефон во тек на управување моторно возило.

Апелираме до сите учесници на сообраќајот на крајна внимателност при управувањето со моторните возила и почитување на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација. стои во соопштението на СВР Охрид.

Во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот, полициската станица за безбедност во сообраќајот Охрид изминатиот период спроведува засилени контроли на подрачјето на СВР Охрид. Од почетокот на годинава полицијата извршила вкупно 174 акциски контроли кон сите учесници во сообраќајот во кои, 10 возачи биле затекнати како управуваат моторни возила под дејство на алкохол а 58 ја пречекориле дозволената брзина на движење, 44 автобуси биле испратени на вонреден технички пеглед при што кај еден автобус, констатирани се неисправни уреди за сопирање. Овие возачи се исклучени од сообраќај и соодветно санкционирани, информира СВР Охрид.

OhridNews