Предсезонските, пакет аранжамани за Грција заклучно месец јули, во охридските туристички агенции, се распродадени.

За месец јуни аранжманите за Грција, кои се со многу прифатливи, пониски цени, се распродадени. Во нашата понуда има аранжмани и за 45 евра во кои се вклучени седум ноќевања со комплет пансион и автобуски превоз од Охрид. Најголем интерес има за летувањата во Лептокарија, Неа Врасна, Закинтос. Има интерес и за летување во Турција, веќе од 10 јуни поаѓа првиот чартетр лет за Анталија, информираат од туристичката агенција Вис- Пој.


Слична е ситуацијата и во останатите охридски туристички агенции од каде потврдуваат дека интересот за летување во Грција, пред сезона, е поголем од било кога досега.


Сметам дека тоа е и поради укинувањето на визниот режим, а и цените во понудата се многу ниски и прифатливи за секој џеб. Најголемиот број охриѓани се заинтересирани за апартманското сместување. Има интерес и за во Турција, каде повеќе се патува фамилијарно, но и за во Хрватска, каде дел од охриѓани редовно летуваат. Многу помал интерес има за во Бугарија, Црна Гора и Албанија, вели Елида Битрак од туристичката агенција Елида Турс.

Од оваа агенција потенцираат дека од почетокот на оваа година, се поголем е интересот и за Пирин голфкантри клубот во Банско- Бугарија и добивањето Голф зелена карта.

Аранжманот за Банско вклучува пет дневен, фамилијарен престој со можност за користење на СПА центрите, како и добивање часови од инструктор за играње голф, по што се добива зелена карта која важи за сите голф терени во светот, додава Битрак.

Интерес кај охриѓани да летуваат на некоја од егзотичните светски дестинации речиси и да не постои. Цените по кои тие се нудат, очигледно, сеуште се неприфатливи за скромниот семеен буџет на најголемиот број охриѓани.

Т. Кувенџиска