Само пет месеци откако Охридското Езеро доби свој стопан, незаконитиот риболов е драстично намален за околу 90 отсто. Со 80 успешни акции и конфискувани повеќе од девет километри мрежа, концесионерот „Пастрмка 2012“ ја најави борбата против рибокрадците.
Ако до пред неколку месеци на езерото му се закануваше еколошка катастрофа преку истребување на пастрмката, сега состојбата е сосема спротивна. Езерото не познава физичка заштита каква што ја има сега, каде 45 лица вработени во „Пастрмка 2012“ опремени со глисери, двогледи со ноќни визори и фотоапарати, се грижат за зачувување на рибниот фонд во езерото.
„Договорот за концесијата е потпишан на 27-ми август минатата година. Веќе добро сме запознаени со состојбата на рибниот фонд во езерото. Согласно риболовната основа, наша обврска е физичката заштита на рибата. Со оглед на она што го затекнавме на почетокот, ситуацијата и тоа како е подобрена. Располагаме со 12 рибочувари кои будно ја следат состојбата на терен, а ангажиравме дополнителни 14 преку агенцијата за обезбедување.“ – вели Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“.
До сега, поднесени се повеќе кривични и прекршочни пријави, кои во соработка со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи се веднаш активирани. Најголема мета на рибокрадците е охридската белвица, која во изминатите години неконтролирано е ловена.
„Почнувајќи од кражби и закани, па се до кривични пријави за незаконит риболов. Во сите делови од езерото, секојдневно спроведуваме акции. Имаме конфискувано повеќе од 9 000 метри мрежа, а нашите екипи се подготовени да одговорат на секој предизвик. Во моментот кога ја добивме концесијата, најзагрозени видови беа белвицата, пастрмката и крапот. Најкритични места за охридскиот дел од езерото се „Аднон Дуков“, „Горица 1 и 2“, Лагадин, Елешец, Пештани, Трпејца и љубанишкиот крај.“ – потенцира Танасоски.
Од 20-ти јанауари започна вештачкиот мрест на охридската пастрмка. Под надзор и контрола од Државниот инспекторат за земјоделие при областа од рибарството, се врши мрестот чија примарна цел е зголемување на рибниот фонд во езерото. Оваа година, се очекува да биде обезбедена рекордна бројка на икра која изнесува над пет милиони.
„Вештачкиот мрест ќе трае до 20-ти март. За струшкиот дел, задолжен е Ветеринарниот институт од Скопје, додека за Охрид Хидробиолошкиот завод. Ние го исполнивме она што беше побарано од нас. При секое одење на мрест, рибите кои се вадат од езерото се даваат на хидриобиолошки, каде стручните лица го обавуваат мрестот. Уловените риби, нормално се враќаат во водите на езерото.“ – истакнува Танасоски.
Она што се јуште ги загрижува релевантните институции во земјава, е албанскиот дел од езерото. Како што напоменува Танаскоски, се цели кон потпишување на договор за билатерална соработка меѓу Македонија и Албанија, за и тој дел биде соодветно заштитен.
„Според нашите сознанија, рибата во албанскиот дел од езерото неконтролирано се лови дури и за време на мрестот. Од овој проблем, директно сме засегнати и ние и државата. Нашите напори водат кон потпишување договор за соработка меѓу Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство од земјава и надлежното во соседна Албанија. Од една страна езерото се чува, додека од другата се лови. Тоа е погубно за целокупниот рибен фонд.“ – вели Танасоски.
„Пастрмка 2012“ е концесионер и на рекреативниот риболов во езерото. За време на државните празници и во недела од месеците мај до октомври, спортските риболовци ќе можат да уживаат во своето хоби. Напорите се насочени кон воведување блинкер од кајче, како би се привлекле туристи од земјава и странство.
„Заедно со новоформираното риболовно здружение „Св. Стефан“, бараме промена во риболовната основа во однос на рекреативниот риболов. Сакаме да се воведе лов на клен и крап од чамаец. Тоа би се регулирало со создавање посебни рекреативни зони на копно и вода, каде ќе се знае во кои денови ќе може да се лови рибата во мали количини. Исто така, се надеваме дека ќе успееме во воведување на туристичкиот блинкер, каде секој странец со наш чамец ќе може да види како се лови на традиционален охридски начин. “ – вели Танасоски.
Граѓаните кои сакааат да обезбедат дозвола за рекреативен риболов, тоа можат да го сторат во канцелариите на концесионерот „Пастрмка 2012“. „Охрид има најниски цени во целата земја, во однос на дневните, неделните и годишните дозволи. За 800 денари, охридскиоте рекреативни риболовци ќе можат во текот на целата година да ловат од крајбрежјето. На овој начин сакаме да ги вратиме сите рибари, кои претставуваат симбол на градот.“ – додава Танасоски.
Во склоп на „Пастрмка 2012“ функционира и рибарницата во градскиот пазар, каде охриѓани имаат можност легално да ги набават видовите риба кои се ловат во Охридското Езеро. „Она што ловиме во езерото, може да се најде во нашата рибарница зависно од сезоната на риба која е дозволена. Во моментов имаме клен, крап, јагула и плашица. На еден начин, со нашите ниски цени ги разбивме продавачите на црно. Отсега, граѓаните ќе можат легално да си купат риба, а при тоа да бидат задоволни од квалитетот.“ – завршува Танасоски.
О.Т.