За помалку од месец се очекува да биде пуштена во употреба првата „Виа ферата“ за туристичка намена во Национален парк Галичица. Станува збор за безбедна патека за алпиниститчко искачување на карпа со помагала. Комплетно нов производ во туристичката понуда на Охрид кој се очекува да привлече внимание кај нови туристи, но секако ќе значи и нова содржина за сите оние кои веќе го посетуваат регионот.
Очекуваме за помалку од месец да биде пуштена во употреба и луѓето да ја користат Виа фератата. Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ работи на себеодржливост, односно преку неколку проекти набавивме опрема која ќе служи за изнајмување од страна на туристите. Имаме во доволен број Виа ферата сетови кои ќе се изнајмуваат, бидејќи луѓето мора да ја имаат таа безбедносна опрема. Имаме околу 30-тина комплети дрезги за во зимскиот период за посетителите. Ги следиме трендовите, сакаме да им овозможиме на луѓето да можат на еден поубав, поефективен начин да ги доживеат убавините на Националниот парк Галичица, вели Антонио Додевски од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“.
Додава дека Виа ферата всушност е железен пат односно алпинистичка патека која е опремена со посебна опрема со скалици, со челични сајли и клинови кои се безбедни да може било кој посетител да ја користи односно да го доживее качувањето на карпи на еден едноставен начин.
Виа фератата ја правиме за потребите на НП и таа ќе стане составен дел од понудата на Паркот. Сигурно за користење на Виа фератата ќе се наплаќа одредена влезница, како и за останатите вакви атрактивни содржини, а опремата ќе може да се изнајми од АК „Патагонија“. Ова е еден од најдобрите начини и на соработка помеѓу институциите кои меѓу себе се надополнуваат и отвораат нови можности за посетителите и туристите, додава.
Вели дека штом биде комплетно завршена Виа фератата, ќе биде изработено и промотивно видео кое ќе го пласираат преку социјалните и електорнски медиуми, како и на веб и фејсбук страна на алпинистичкиот клуб, но и на страната на НП Галичица.
Инаку, поставувањето на Виа фератата, финансиски е поддржано од ПОНТ, а го спроведува Алпинистички клуб Патагонија од Охрид, согласно критериумите на Македонска алпинистичка федерација и меѓународниот стандард EN16869:2018. Дел од опремата обезбедена е со поддршка од ГИЗ.
За изведба на фератата претходно следеше процес на обезбедување на сите неопходни дозволи и согласности од страна на надлежните институции и Министерството за животна средина.
Н.С.Ј.













