Се уште се размислува околу попис на населението, откако оној од пред две години доживеа целосно „Фијаско“. Премиерот Никола Груевски, во текот на вчерашниот ден истакна дека од претходниот попис има лоши искуства, додека неодамна министерот за финансии, Зоран Ставрески, потврди дека за 2014-та година не се планирани пари во буџетот за оваа намена.

Околу прочистување на избирачкиот список, Груевски потенцира дека надлежноста за овој процес е во рацете на Државната изборна комисија.

Го поставувам прашањето, зошто шест месеци не го почнуваат тоа и ги повикувам јавно да го почнат веднаш и да го завршат, за да не бараат потоа алиби дека поразот којшто ќе им следи доаѓа заради тоа што списокот не бил пречистен или други алибија коишто се поврзани со Избирачкиот список.“ –  изјави премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Од друга страна, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во писмена реакција по изјавата на Груевски истакна дека неосновани и неточни се сите обвинувања за наводно кочење на работата на Државната изборна комисија (ДИК).

Од лани, во континуитет функционира работната група за проверка на Избирачкиот список, формирана од управувачкиот комитет на високо ниво при Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Со оваа група претседава членот на ДИК, Бедредин Ибраими, а во нејзината работа учествуваат претставници на министерствата за внатрешни и на надворешни работи, за правда, Државниот завод за статистика, Комисија за заштита на лични податоци, Мост, ОБСЕ, Амбасадата на САД и ДЕУ. Работната група секогаш заседава јавно, пред медиумите.“ –  се вели во писмената реакција на Кондарко.

Според него, за ова ангажирани се и експерти на ОБСЕ-ОДИХР, кои ќе дадат свои анализи и препораки во врска со Избирачкиот список.

OhridNews