На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, ќе се одржи 24-часовен маратон во програмирање – Codefest, на иницијатива на тројца студенти на универзитетот.

Вакви настани во светот се случуваат, но во Македонија се ретки, а со поддршка од студентите и професорите на охридскиот универзитет, и нашата земја ќе се вброи во листата земји каде се одржал маратон за програмирање, велат студентите кои го организираат натпреварот.

Пријавувањето е во тек и трае до 10-ти февруари, а можат да се пријавуваат сите заинтересирани кандидати, кои ќе се натпреваруваат следени од страна на неколку Microsoft експерти. Досега се пријавени 80 учесници, што веќе ги надминува очекувањата.

Програмерскиот маратон Codefest, ќе се организира како мотивација врз основа на WOWZAPP Хакатонот, кој се организираше во Скопје, од страна на Microsoft. Разликата меѓу Хакатонот и она што го организираат студентите од Универзитетот за информатички науки и технологии, е во времетраењето. Codefest е трет по ред ваков настан на државно ниво, а прв кој се организира од страна на студенти.

Организаторите велат дека нема да се јават во улога на натпреварувачи, а оставаат простор за нивните колеги.

– Ние ќе се обидеме да координираме се во склоп на настанот да се одвива онака како што сме го замислиле. Нормално дека ќе сме поддршка на сите тимови. Не е фер кон другите учесници, како организатори и ние да земеме учество. За нас беше позитивно изненадување што интерес за маратонот пројавија и ученици, средношколци, покрај студентите. Конкурсот е отворен за сите заинтересирани, кои можат да учествуваат тимски, со максимум пет члена во еден тим, или индивидуално, доколку така преферираат, потенцира Јасна Тренгоска, студент, дел од организацискиот тим.

Иницијатори на маратонот се студентите Јасна Тренгоска, Александар Митревски и Вилијам Асиама. Нивните очекувања од следниот подвиг кој ќе го организираат во сабота на нивниот матичен универзитет, се дека од него ќе произлезат практично употребливи апликации кои ќе си го најдат патот до пазарот.

– Конкретно нашите очекувања се дека нашите колеги програмери, ќе изработат барем некоја солидна апликација, која што со дополнително доработување ќе можат да ја објават на Marketplace, ако е на пример апликација за телефон или апликација за новиот Windows 8 и слично. Но целта, исто така ни е да започнеме и нешто како традиција. Вакви настани се ретки во Охрид, а сега бидејќи фунционира Универзитет за информатички науки и технологии, имаме можност за тоа, објаснува студентот Александар Митревски.

Професионални дизајнери и програмери ќе бидат ментори и оценувачи на настанот и ќе ги следат натпреварувачите во различни аспекти. Ќе се оценуваат повеќе елементи, како дизајн, интеграција на платформи, искористливост на функционалности и слично. Оценките ќе се доделуваат на крајот од маратонот, а за најдобрите се предвидени и вредни награди, благодарение на големиот број спонзорства кои студентите ги добија.

Codefest ќе се одржи во амфитеатарот на Универзитетот за Информатички Науки и Технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, на 16-ти февруари со почеток во 12 часот, а ќе заврши по истекувањето на 24 часа, во недела на 17-ти февруари.

OhridNews