Подгответе се за TOEFL тестот- е новата едукативна програма која во рамки на Црвен крст Охрид ќе се спроведува во наредните два и половина месеци.
– Нудиме сосема поразлична програма од досегашните, наменета не само за најмладите, туку и за студентите и вработените кои имаат потреба од ваква подготовка. Верувам дека пошироката јавност е запознаена со самата содржина и важност на тестот, затоа што е баран за сите оние кои сакаат да го продолжат своето образование на универзитетите ширум светот, а чии мајчин јазик не е англискиот, потенцира Мимоза Ставрева од општинскиот Црвен крст.
Подготовката за полагање на TOEFL, во вид на часови ќе започне да се спроведува во месец февруари под водство на Александар Џоунс, волонтер на Мировен корпус Македонија кој работи во организацијата на Црвениот крст Охрид.
– Во текот на обуката ќе се опфатат сите 4 дела на тестот- читање, пишување, зборување и слушање. Ќе се посвети внимание на содржината на тестот, нема да се учи англиски затоа треба тие што ќе се пријават да имаат соодветно знаење за да можат да го полагаат тестот. Ќе трае десет недели, по две недели за секој дел од тестот и два дополнителни понеделници за да се извежба наученото, информира Џоунс.
TOEFL (Test of English as a Foreign Language) е најраспространет и светски прифатен тест за проверка на знаењата за англискиот јазик. 9000 унвирезитети, колеџи, агенции го признаваат тестот и тоа во 130 земји ширум светот вклучувајќи ја и Македонија. TOEFL е тест кој исто така се користи за докажување на познавањето на англискиот јазик за државната администрација во Македонија.
OhridNews