Како никогаш претходно, сум исполнет со чувство на искрена и основана надеж за нашата иднина. За иднината на нашите граѓани, и за сегашните и идните поколенија. Таа иднина, како никогаш претходно, можеме да ја видиме на хоризонтот: Во заедницата на државите на Европската Унија и како еднаква членка меѓу сојузниците на НАТО. Ова го изјави премиерот Зоран Заев на прес конференција во врска со договорот за спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. 

Придружуван од членовите на неговиот кабинет, тој рече дека Македеонија има историско, вековно решение – Република Северна Македонија, кое го јакне македонскиот идентитет.

-Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати, еднаш засекогаш. Стоиме исправени пред нашите гордости – пред Кирил и Методиј, Климент и Наум, Крсте Петков Мисирков, пред Гоце Делчев, пред Блаже Конески, Кочо Рацин. Нема веќе ФИРОМ. Нема веќе меѓународни договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Решаваме вековно прашање. Свои сме на своето и тоа конечно e признато од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор ќе биде потврден и зајакнат македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш. Нашата добивка е бесценета – зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност и просперитетна иднина на нашите граѓани. Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано, македонско име за нашата држава. Име кое е достоинствено и географски прецизно – Република Северна Македонија (со превод, на сите јазици). – истакна Заев.

Премиерот рече дека името е предвидено да биде за севкупна употреба, а ќе се прецизира со амандман во Уставот.

-Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации. Македонски, Macedonian, без фусноти. Националноста е македонска / граѓани на Република Северна Македонија. Или на англиски: Macedonian / Citizens of the Republic of North Macedonia. – посочи Заев.

Договорот ќе биде презентиран пред сите политички субјекти во државата, а потоа потпишан од претставници на двете влади, после што следува ратификација во Собранието. Веднаш после ратификацијата, Република Грција ќе испрати писмо до Генералниот секретар на НАТО со кое ќе го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и дека не постојат пречки Македонија да добие покана за членство во НАТО. Исто така, Република Грција ќе испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и дека препорачуваат да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите за Македонија. Силно веруваме, на Самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство, како 30-та членка на Алијансата. – додаде Заев.

Тој истакна дека со договорот се гарантира дека на есен ќе има референду на кој гаѓаните ќе одлучат за иднината.

Според лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, договорот е капитулација за Македонија.

-Денес е тежок ден за Република Македонија. Пред малку видовме прес конференција со која поразот, се прикажува за лажна победа, а она што е стекнато многу порано како наше природно и неоспорно право, правото на јазик и националност, да се прикаже за издвојувана победа во преговорите со нашиот јужен сосед. Тоа е нешто што ние го имаме загарантирано и пред самиот овој таканаречен договор, многу порано и исто така јасно кажано и напишано во Обединетите Нации. Колку и да се обидува Зоран Заев да демонстрира еуфоричност, со сила да се насменува и вештачки да делува среќно, се гледа од далеку дека ова е пораз. Тоа е чувството кај граѓаните. Потиштеност и горчина. – рече Мицкоски.

Тој истакна дека целосниот процес на преговори се водел во тајност, и со екстремен егзибиционизам од македонската влада и Зоран Заев. Опозицијата, и ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија не беше вклучена во разговорите за ова најважно прашање. Сега е веќе јасно зошто, додаде тој. 

-Ова не го велам затоа што ние се тргаме на страна од целиот процес, туку затоа што Зоран Заев го монополизираше истиот. Единствено што се случи денеска е телефонски разговор кој што го имав со Зоран Заев веднаш по постигнувањето на договорот со неговиот грчки колега Ципрас. Во суштина навестениот таканаречен договор е прифаќање на сите грчки позиции, и во својата основа не може да се нарече ништо повеќе од таканаречен договор. Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација! Повторувам договор за капитулација! – истакна Мицкоски, кој побара веднаш да биде доставен договорот постигнат помеѓу премиерите Заев и Ципрас.

OhridNews