Според советничката група на ВМРО- ДПМНЕ буџетот за 2012 е најслаб во изминатите четири години и претставува голем неуспех што довел до уназадување на општината.Меѓу изнесените забелешки од советничката група беше дека во изминатата година не се реализирани капитални инвестиции во општината, како и дека нема усогласување на приходните и расходните ставки.
– Од технички аспект самиот извештај за разлика од изминатите три години е најоскуден, празен и нејасен. Самата содржина покажува нелогичност. Реализацијата е над 96 %, а од друга страна реализацијата на програмите, пред се на оние од комуналната сфера кои се основни параметри на задоволување на барањата на граѓаните, е од 40 до 80 % . Во таа смисла се поставува прашањето- каде се останатите средства од реализацијата на буџетот, изјави советникот Борис Стефаноски од ВМРО- ДПМНЕ.
Наспроти ваквите обвинувања, градоначалникот Александар Петрески со став дека буџетот за 2012 е еден од најспешните со реализација од над 90% од предвиденото.
– Граѓаните се тие кои треба да кажат дали имало или не капитални инвестиции во изминатата година. Реализираните активности од комуналната сфера се бројни, иако тие не се гледаат. Предвидените средства од буџетот беа до денар домаќински искористени во корист на граѓаните. Основниот буџет е реализиран со 80 %, а по ребалансирањето со над 90% што е речиси идеално, а можеше и во целост да се реализира доколку не се вмешаа одредени политички игри, рече Петрески.
Со мнозинство гласови освен предлог одлуката за извештајот и завршната сметка на општинскиот буџет, на денешната седница беа усвоени и предлог одлуката за одвојување средства за да им се помогне на семејствата од неколкуте опожарени куќи во Охрид. Советниците ги усвоија и извештаите за финансиското работење и годишните сметки за 2012 од основните и средни училишта во општина Охрид.