Во изборниот штаб на Владо Кочоски се задоволни од одлуката на Управниот суд, кој ги оспори резултатите од гласањето во 9 избирачки места во општината. Според ВМРО ДПМНЕ таквата одлука е потврда на нивните сомневања за изборни нерегуларности во Струга.
-Управниот суд пресуди во полза на вистината, така да се надеваме дека третиот изборен круг ќе биде фер и регуларен и ќе победи подобриот. Задоволни сме од местата каде ќе се прегласува иако сметаме дека требаше уште на неколку места да има прегласување, изјави Перо Петкоски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Струга.
Перо Петкоски
Запрашан дали очекува да бидат откриени и казнети поттикнувачите на изборните нерегуларности поради кои се поништува гласањето во дел од избирачките места во Струга, Петкоски истакна дека тоа е во надлежност на институциите на државата.
Кандидатот за градоначалник на ДПА, Зијадин Села, смета дека одлуката на Управниот суд е неиздржана. Тој посочи дека на одредени избирачки места каде ќе се прегласува, немало ниту една забелешка од изборните одбори и овластените набљудувачи.
– Во три избирачки места во градот Струга каде се оспорени изборните резултати, нема ниедна жалба на членови на комисија или набљудувачи. Зошто се повторуваат тука изборите и како судот решава без докази?-запраша Села.
Кандидатот на ДПА, смета дека Управниот суд ја погазил волјата на граѓаните и наместо на страна на демократијата се ставил во функција на владејачката партија.
-Ова е срамно и злонамерно кон граѓаните на Струга, без разлика на нивната етничка припадност. Ги повикувам граѓаните да не бидат дел од овие конструкции на владата на Никола Груевски, затоа што изборите ќе поминат, а ние ќе живееме еден со друг. Струга заслужува многу подобро и тоа заедно ќе го направиме во следните 4 години. Граѓаните победија два пати и по трет пат пак ќе победат.-рече Села.
Зијадин Села
Тој ги повика амбасадата на САД, ОБСЕ и ОДХР да го набљудуват прегласувањето во Струга и најави дека како градоначалник ќе побара одговорност за се што се случува околу изборите во оваа општина.
-Јас како градоначалник ќе ги тужам сите тие судии, министри и пратеници за злоупотреба на функција, без разлика на исходот, иако знам каков ќе биде.-додаде Села.
Кандидатот на ДПА во вториот изборен круг оствари предност над заедничкиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ од 5494 гласа. Во недела во Струга ќе се прегласува на 9 избирачки места во градот и во селата Октиси, Подгорци и Бороец, каде има 7500 гласачи.