Група родители чии деца ја посетуваат градинката Јасна Ристеска се жалат на несериозно работење на кадарот во установата.
– Поради намалување на трошоците за греење децата се распределуваат од една во друга градинка, која од нашето место на живеење е оддалечена и по 4 километри. Ние,родителите сме принудени наутро, кога температурата беше и до -10 степени, да ги носиме децата со кола или со такси на таа одалеченост што претставува големо финансиско оптеретување за нас и воедно малтретирање на децата кои треба да стануваат половина час порано од вообичаеното за да успееме навреме да пристигниме на нашето работно место, велат родителите кои се обратија до нашата редакција.
Тие со забелешки и поради тоа што децата се згрижуваат во една градинка и како што велат, сите вработени не доаѓаат на работа, па се случувало одредена група деца да нема ниту една воспитувачка.
– Тогаш ги оставаме децата во непозната средина со непознати луѓе, кои не го познаваат карактерот и навиките на децата. Во централниот објект нема јаслена група. Децата ги оставаме во несоодветни услови, кои не се прилагодени според нивната возраст каде што физичкиот и психичкиот развој на децата од различна воздраст не одговара за тие да бидат заедно во иста занимална, додаваат тие.
Забелешки и во однос на згрижувањето на децата во објектот Росица каде пред празниците имало известување дека децата од 1- ви јануари ќе бидат распределени во други градинки- јаслената група во градинката Лихнида, а останатите во централниот објект. Родителите се жалат дека во тој случај оние кои имаат 2 деца во различни групи треба едното дете да го носат во градинката Лихнида која е на 4 км оддалеченост од населбата Воска – Далјан, а другото дете во централната градинка која е 2,5км одалечена од истата населба. При тоа, родители кои и покрај овие потешкотии на 2- ри јануари решиле да ги однесат децата во градинка штом пристигнале пред портата на Лихнида ги пречекале затворени врати и известување дека и таа градинка не работи, се наведува во реакцијата.
На ваквите забелешки од градинката одговараат дека сите родители благовремено биле информирани писмено, усно и преку социјалните мрежи (фејсбук), а и преку медиумите дека поради големото намалување на присутни деца во градинката во минатите години во месец јануари, било одлучено овој период да работат објектите „Централна“, „Лихнида“ и „Развигорче“.
– Поради дефектот со струјата што настана пред новогодишните празници и екстремно ниските температури, бројот на деца драстично се намали поради што родителите беа известени дека ќе работи само централниот објект, а се однесуваше на 31 декември; 02; 05; 08; и 09 јануари. Во градинката, во овие денови беа присутни максимум 60 деца и голем број родители предвреме најавија отсуство за месец јануар, така што доколку работат сите објекти, би требало да загреваме објекти од 1400 м2 за само неколку дечиња. Се извинуваме до родителите кои ги доведовме да ваква ситуација, но се надеваме дека ќе наидеме на нивно разбирање, вели директорката Розе Костоска.
Што се однесува до персоналот, Костоска потенцира дека со исклучок на хронично болните и бремените колешки и оние кои користат денови од годишен одмор, останатите се на своите работни места.
– Дел од персоналот е вклучен во процесот на згрижување на дечињата, а останатиот работи на едукација со интерни работилници и семинари за подобрување на воспитно – образовната работа со децата и надминување на одредени недостатоци. Што се однесува до условите во Централниот објект беа обезбедени сите потребни услови и намаше мешање на децата од јасли со повозрасни деца. Што се однесува до објектот „Росица“, минатата година, во јануари најголем достигнат број на присутни деца е 23 – децата згрижени во тој објект. Сите родители беа анкетирани од страна на воспитните тимови за тоа дали се согласуваат децата да ги носат во Централна градинка и немаше никаква негативна реакција. Голем дел од родителите токму од овој објект уште претходните денови веќе ги одјавуваа децата од градинка за јануари. Во објектот „Росица“ има само едно семејство (според наша евиденција) кое има дете и во јасли и во градински, кое имаше најавено отсуство во наредниот период за двете деца, велат од градинката.
Оттаму додаваат дека во изминатиот период се соочиле и со настанати штети на водоводните цевки, искршени гранки од дрвја, жиците од струја и кабелски телевизии кои се влечеле низ дворовите, мраз и непристапни терени, како и тешкото движење на возилото за дистибуција на храна, што довеле до настанатите измени во работењето.
Т.К.