Кајак Кану клубот Стрмец постигна забележителни резултати на регатата во Полска која се одржа од 30. август до 6. септември. Во конкуренција од 18 натпреварувачи, во К1 на 500 метри Владимир Трајчески го освои 5-то место а неговиот брат Петар 6-то. Во К4 трката браќата Трајчески, Рифат и Јованоски од 12 натпреварувачи се пласираа на високото трето место.


Предходно кајакарите на ККК Стрмец на меѓународната регата во Полска во Чековице настапија во пионерска, кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција.

Во трката на 1250 метри Петар Николоски, во конкуренција од 26 кајакари, заврши на 4-то место додека на листата од 5-то до 7-то место се најдоа Петар Баче, Владимир Велјаноски и Душко Баткоски. Во К2, Петар Николоски и Наум Стефаноски се пласираа како 5-ти.

Во женска конкуренција 12 годишната Анастасија Аврамоска е единствената која обезбеди пласман во средината на листата освоени места. 

Секогаш работам со нови генерации. Над 300 кајакари се поминати во Клубот. Pезултатите се должат на макотрпната работа и долгогодишното искуство на стручниот штаб – вели тренерот Радован Попоски.

За подобрување на условите за работа но и за подобри резултати, според Попоски ќе помогне и донацијата од Полската федерација, 10-те машини за кајак веслање на суво за совладување на техниките на овој спорт што треба да пристигнат во Охрид.

Инаку во овој клуб моментално членуваат 30-тина кајакари од 8 до 21 годишна возраст. На следната регата на 23-ти овој месец во Милано нашите кајакари ќе отпатуваат доколку обезбедат финансиски средства.

М.П.