Од денеска стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 8 часот до 20 часот, информираат од АМСМ.
Времениот режим се воведува како мерка за справување со зголеменото загадувањето на воздухот на подрачјето на градот Скопје. Од ова решение се иземаат возилата кои превезуваат добиток, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива која врши градежни работи на градилиштата за општините во Скопје, Град Скопје и Владата на РМ.
Во утринското соопштение за состојбата на патиштата, од АМСМ информираат дека поради појава на магла на патните правци Страцин-Куманово, Гостивар-крак Маврово-Дебар, Тетово-Попова Шапка и Прилеп-Крушево видливоста е намалена до 50 метри.
Инаку Сообраќајот на останатите државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по наместа влажни коловози. Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
OhridNews