Забрана за движење тешки товарни возила воведена и на Стража, патот Маврово – Дебар прооден
Поради врнежи од снег на планинскиот превој Стража е воведена забрана за движење на тешки товарни возила. Забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Р409 крак Маврово – Дебар е укината во 20:15 часот, информираат од АМСМ.
Поради локалните врнежи од дожд и снег, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива делумно забавено, по влажни коловози. Снег има на патните правци Р406 Тетово – Попова Шапка, Кичево – Охрид преку Пресека и на планинските превои Буково и Ѓавато, но сообраќајот на овие делови засега се одвива без забрани.
Екипите на Македонија пат се на терен и го расчистуваат снегот.
Поради ниските температури во вечерните и утринските часови, на повисоките места можна е појава на голомразица. Посебна внимателност се препорачува на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово, каде можна е појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите.