На 1 јуни на сила стапи забраната за изведба на градежни работи на целиот потег од Билјанини Извори до реката Далјан што се наоѓа јужно од булеварот „Туристичка“. Граѓани реагираат дека забраната што ја донесе советот на Општина Охрид, не се почитува. Посочуваат случај во населбата Далјан каде, како што велат, и по 1 јули непрекинато течат интензивни градежни активности на станбен објект во близина на хотел „Магнус“.
Во радиус од само 50 метри се наоѓаат повеќе населени станбени згради, кои секојдневно трпат бучава што ја создава тешка механизација и градежна оператива која е активна уште од рани зори, велат револтирани жители од населбата Далјан.
Случајот, е пријавен во надлежниот општински инспекторат, од каде велат дека не е единствен. Додаваат дека од објективни причини, а на барање на изведувачите, даден е дополнителен рок за престанок на градежните активности во наведената зона.
Градежните инспектори при Одделението за инспекциски надзор на Општина Охрид извршиле контроли на неколку локации каде биле забележани градежни активности по воведувањето на сезонската забрана за градење, која стапи на сила на 1 јули.
При надзорот, инспекторите констатирале дека одредени инвеститори на А2 станбени објекти продолжиле со изведба на градежни работи. Поради конструктивни причини и неодложни градежни активности, со цел да не настанат последици од материјален или безбедносен аспект, инспекторите донеле решенија со кои на инвеститорите им се дозволува во рок од 5 дена да ги довршат започнатите работи.
Овие решенија се донесени врз основа на поднесени барања од страна на инвеститорите, а инспекторите постапиле согласно законските надлежности и прописи.
Одделение за односи со јавност при Општина Охрид
Забраната за изведување градежни работи на потегот од Билјанини Извори до реката Далјан што се наоѓа јужно од булеварот „Туристичка“, во длабочина од 50 метри, како и на туристичките локалитети од каналот Студенчишта до „Свети Наум“, на сила е до 31 август.
Г.М.