Малолетни лица нема да смеат да влезат во казино, обложувалница, автомат клуб или во просторија во која се изведува томбола од затворен тип. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кои ги подготви Министерството за финансии, објави „Вест“.
Согласно постојната законска регулатива, лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа, а со предложените законски измени приредувачот на играта на среќа е должен да оневозможи малолетници да учествуваат во играта на среќа и да им оневозможи влез во просториите во кои се приредуваат игрите на среќа. За непочитување на овие одредби предвидени се прекршочни казни, односно глоба во износ од 1.000 евра за одговорното лице во правното лице.
“Учеството во игрите на среќа претставува однос помеѓу учесникот и приредувачот на играта на среќа, во кој исходот не зависи од волјите на учесниците во играта. Имајќи ја предвид деловната неспособност на малолетниците, со предложениот закон се воведува обврска приредувачите на игрите на среќа да истакнат натпис на влезот на деловната просторија каде што се приредуваат игрите на среќа дека строго се забранува влез на лица под 18 години”, стои во образложението на законските измени.
Се засилуваат и овластувањата на Управата за јавни приходи, која ќе може во секое време, при надзор, да ги легитимира затечените лица во просториите каде што се приредуваат игри на среќа, за да се провери нивната возраст.
Правното лице, ако им овозможи влез и учество во игрите на среќа на лица помлади од 18 години, ќе плати глоба од 5.000 евра, а ако делото се повтори, ќе му се забрани вршење на дејност во траење од шест месеци до две години.
“Со имплементација на овие решенија, ќе се заштитат малолетниците од штетните последици, кои можат да ги предизвикаат игрите на среќа”, стои во предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа.
OhridNews
Извор:„Вест“