Имаме добра правна рамка за корупцијата и организираниот криминал. Таа е усогласено со меѓународните норми и стандарди, со меѓународните конвенции. Клучен е човечкиот фактор и мораме да го подигне до рамништето на решителност на носителите на различни функции особено во делот на судството за да почне справувањето со корупцијата и организираниот криминал, бидејќи тој има длабоки корени, рече на отворањето на осмата Охридската школа по природно право на тема “Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст на владеење на правото” во Охрид, академик Владо Камбовски.

Кај нас корупцијата е претворена во системски проблем, влезена е во сите пори на општетството, од највисоката власт, до најниските слоеви на остварување на било каква политичка или економска моќ. Поткупот царува на сите страни. Како да излезем од тоа? Ние очекуваме сега сами од себе да се направи некаков пресврт. Но, според мене неможе да се направи пресврт без забрзување на процесот на интеграција на државата со поддршка на ЕУ, со засилување на мониторингот и влијанија низ преговорите за одделни области за да започне постапно да се трга таа клима на ендемска корупција, вели Камбовски.

Следната работа е, додава, да се засечат изворите на корупцијата кои се во политичките партии и оттаму почнува се.

Без една радикална реформа на политичките партии, правниот режим за политичките партии кои мораат да се подредат на владеењето на правото, да ги почитуваат владеењето на правото, да го почитуваат Уставот и законите. Следствено на тоа промени на изборниот систем кој овие триесет години има воспоставени правила на давање и земање, ќе придонесе за надминување на таквите состојби. Значи во политичкиот систем да влезат некои нови сили кои не се оптоварени со некое наследство на давање и земање или игри помеѓу политичките партии, вели Камбовски.

Во поглед на штетите кои ги трпи економијата од корупцијата академик Таки Фити од Центарот за стратешки истражувања при МАНУ истакна дека истите се во неколку домени.

Првиот е бизнис секторот односно постоење претпријатија со монополистичка моќ кои имаат меѓудругото моќ да диктираат и цени и да остваруваат високи проифити врз база токму на позицијата. Тука треба антимонополската комисија да има клучен збор, но не покажува соодветни резултати. Другиот домен се јавните набавки, тендерите. Таму имате местење, и често пати едните исти фирми ги добиваат. Се нарушува конкуренцијата и се прави неселективен избор. Каде што има голема корупција се обесхрабруваат странските инвеститори да влегуваа во земјата посебно претпријатијата со висока репутација. Тие едноставно не трпат корупција. Тоа што е битно е дека имаме и сериозен проблем со иселување на млади високо образовани луѓе во странство. И разликите во платите е само еден фактор, кој до некаде е и релативен, но тоа што најмногу им пречи е политичката корупција, неможе да се вработат ако немаат партиска книшка, не може да напредуваат во јавната администрација ако не се блиски до една или друга партија. Тоа младите луѓе не може да го поднесат, додава Фити.

Потенцира дека можеме да менуваме закони, декларативно да велиме ќе одиме на нулта корупција, но клучно е владеењето на правото и судскиот систем, реформите таму, додавајќи дека ако тука не се направат длабоки резови не можеме да одиме напред.

Вирџинија Елиот, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, обраќајќи се пред студентите истакна дека борбата против организираниот криминал и корупцијата, владеењето на правото, независно судство, се најголемиот предизвик за демократизацијата на Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ, нагласувајќи ја подготвеноста на САД да работи со државата и да придонесе кон исполнување на заедничките норми и меѓународните вредности, како во соработка со властите во земјата, така и со поддршка на граѓанското општество, академијата, студентите.

Амбасадата на САД ќе продолжи да се фокусира на владеењето на правото и ќе продолжи да соработува со вас за одговорна власт и независно судство. Ве повикувам да бидете храбри во нудењето решенија, подготвени на акција, посветени кон изградба на демократски институции во земјата. Држете се до највисоките стандарди, бранете ги човековите права, борете се против нееднаквоста и политичкото влијание што го разјадува независноста на судството. Искуствата што ќе размените и врските што ќе ги воспоставите нека бидат ресурс во вашиот иден професионален ангажман, рече таа.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во обраќањето им посака да стекнат многу нови знаења што ќе им помогнат да станат подобри правници, успешни во примената на новините и она што е тема на Школата – полесно да го препознаат и да се справуваат со организиранот криминал и корупцијата, во контекст на вледеење на правото.

На Охридската школа по природно право учествуваат дваесет магистранти и петмина докторанти кои престојната седмица ќе бидат дел од десеттина дискусии на актуелни теми од областа на правото, со фокус ставен врз борбата против корупцијата.

Н.С.Ј.