Најразличен цврст и тешко разградлив отпад е амбиентот со кој секојдневно се соочуваат жителите од старото охридско јадро кои поминуваат од задната страна на катедралната црква „Св. Софија“. Иако овој објект претставува една од најзначајните средновековни архитектонски и културни вредности кои сведочат за Охрид, сепак она што се случува на „западната фасада“ од овој верски храм е за секаква осуда.
Граѓаните кои живеат во овој дел од градот велат дека иако дворот од северната страна на црквата е хортикултурно уреден и исчистен од секаков вид отпад, сепак задниот е целосно запоставен, недоличен и полн со нечистотии пред кој поминуваат не само охриѓани, туку и оние туристи кои се уште престојуваат на ривиерата.
„Овој објект претставува културен и црковен храм кој има непроценлива вредност за нашето културно наследство, па и нашиот индентитет. Од едната страна се држат проповеди, без да знаат што им се случува на западната страна од црквата. Треба нашата митрополоија да помрдне со прстот, со цел ја заштити не само црквата, туку гостите и посетителите кои се чудат какво диво племе живее во град под заштита на УНЕСКО.“ – велат жителите од старото охридско јадро.
Фотографиите кои се направени деновиве, сведочат не само за сметот кој е распослан долж задната страна на црквата, туку и за недоличното однесување на поединци, кои овој простор го користат како јавен тоалет.
„За време на викендите, поднапиените туристи и гости од околните ноќни клубови често доаѓаат тука и го користат внатрешниот простор од храмот како јавен тоалет. Тоа навистина не му доликува на ниту еден објект кој има непроценлива вредност за сите кои живеат на ова балканско поднебје. Оваа западна страна треба да претставува лице на нашата православна црква и да го претставува нашиот однос кон црковните и културните објекти.“ – велат револитирани охриѓани.
Тие апелираат до Митрополијата да изнајде соодветно и оптимално решение за заштита на овој црковен храм, како овие девијантни појави би се сведиле на миниум.
„Нашата намера не е да критикуваме или даваме предлози и решенија за решавање на проблемот, туку апел до црковните лица да поминат и од западната страна на која се воодушевуваат бројните туристи и верници. Сите кои поминале оттука, несомнено дека по заминувањето од Охрид ќе раскажат за непосакуваната „глетка“ и односот кој го имаме кон културно-историските споменици.“ – потенцираат охриѓани.
Дел од нашите сограѓани бараат од надлежните, на овој потег да постават своја чуварска служба како не би се загубила убавината на ова христијанско светилиште.
„Пред години побаравме на овој потег да биде поставена соодветна ограда, како луѓето во вечерните часови не би можеле да упаднат во дворот на црквата. Но што стана со таа иницијатива, никој не знае. Дали со истата би се решил проблемот, не би можел да кажам. Според нас, подобро е воведување на чуварска служба или најмување на обезбедување, кое целосно ќе го контролира ова подрачје во стар Охрид.“ – додаваат жителите од старото охридско јадро.
Инаку, црквата „Света Софија“ е изградена во 11 век и низ историјата била седиште на Охридската архиепископија. Овој верски храм е прогласен за споменик на културата и е под заштита на државата поради своето историско значење.
О.Т.