Управата на Ракометниот клуб Охрид и тренерот со селекторско педигре, Раде Стојановиќ, пуштија рака за нова соработка, односно за продолжување на договорот за уште една сезона.

Ние како клуб презадоволни сме од работата, ангажманот и посветеноста на Стојановиќ. Продолжување на договорот значи темел на екипата за следната натпреварувачка година. На тренерот и на екипата им посакувам многу среќа и успех во плејофот, – изјави извршниот директор во РК Охрид, Игор Бежоски.

Следната сезона за Стојановиќ ќе биде трета во охридскиот клуб и можност за нова успешна приказна и сезона исполнета со добри резултати. За потсетување, „гладијаторите“, сезонава регуларниот дел од Супер лигата го завршија со максимален победнички учинок во сите 12 мечеви, нешто што одамна не му успеало на некој македонски клуб.

Имам одлична соработка со управата и играчите и презадоволен сум од продолжување на договорот. Очигледно е дека, како што расте клубот, растам и јас како тренер и сигурен сум дека ќе напредуваме уште повеќе во следната сезона, – рече Стојановиќ.

В петок, на гостински терен кај екипата на Бутел Скопје, Охрид ќе ги започне натпреварите од плејофот во Супер лигата.

 

Мх.П.