„ЕКО ФАП“, во координација со Здружението на бродари и посади на брод, денеска спроведе опсежна самоиницијативна акција за чистење и дезинфекција на Градското пристаниште. Акцијата се реализираше по повод претстојните чествувања на големиот православен празник Богојавление – Водици.
Целта на оваа иницијатива беше обезбедување на достоинствени услови, зголемена безбедност и висок степен на хигиена на просторот каде што традиционално се одржуваат централните празнични активности.
Во рамките на оперативните активности беше извршено темелно чистење и транспорт на кабаст отпад, цврсти материи и наталожен смет од крајбрежниот појас, чистење на јавната површина, односно комплетно машинско миење на пристаништето со цел отстранување на нечистотиите.
Акцијата беше спроведена со сопствена механизација и логистички ресурси, демонстрирајќи ја подготвеноста на здруженијата да придонесат за јавниот интерес, информираат од „ЕКО ФАП“, и Здружението на бродари.

Како општествено одговорни субјекти, сметаме дека грижата за градските симболи е наша заедничка обврска. Со оваа акција сакаме да испратиме порака за зачувување на јавната чистота и да придонесеме Градското пристаниште да го пречека празникот во најдобра можна состојба, велат од „ЕКО ФАП“, и Здружението на бродари.
OhridNews



















