„Го истакнавме значењето на натамошното зајакнување на регионалната соработка, а беше констатирано дека постои поголем простор за соработка во економијата. Од интерес на Македонија и Бугарија е воспоставување на покоординирана соработка”, изјавил по средбата македонскиот премиер.
За надминување на постојаните разлики, добро би било да се организираат заеднички прослави на одделни исторски настани и личности, кои се толкуваат на различен начин во двете земји, порачал бугарскиот премиер Пламен Орешарски, додавајќи дека Софија останува на тоа да се потпише договорот за добрососедство меѓу двете земји. Бугарија ги поддржува македонските евро и евроатлански интеграции, додал тој.
„Сметаме дека разликите на политички и надворешно политички план не треба да бидат никаква пречка за развојот на билатералните односи на економски и трговски план, како и за подобрата инфраструктурна поврзаност. Сметаме дека ова е важно за подобро поврзување меѓу луѓето кои живеат во двете земји”, изјавил Орешарски.
Бугарските националисти пак, не пропуштиле прилика за провокации па така пред почетокот на средбата, десетина припадници на бугарското ВМРО на Красимир Каракачанов протестирале на плоштадот во близина на општинската зграда, каде и беше одржана средбата меѓу двете владини делегации.
Makfaks