– Со оглед на успехот што го доживеа овој проект на премиерата во Белград, истиот ќе биде промовиран за првпат во Македонија, на фестивалот „Охридско лето“. Се работи за идеја да се спојат двајца инструменталисти-виртуози, еден на гитара, друг на виолина, да се спојат световите на класичната и рок музиката и да се сподели искуството на импровизацијата и музичкиот дијалог. Ова ќе биде концерт на кој двајцата виртуози ќе направат вистинско уметничко доживување со многу динамика и ритмички изненадувања, изјави селекторот на музичката програма на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска.
Влатко Стефановски со огромно задоволство и ентузијазам го најавува овој концертен спектакл.
– Соработката со Стефан Миленковиќ ќе ја продолжиме токму во Македонија и тоа на најпрестижниот фестивал „Охридско лето“, на еден од најатрактивните и инспиративни простори – Античкиот театар во Охрид. Очекувам спектакуларен настан и се надевам дека публиката ќе ужива во нашата изведба, изјави Влатко Стефановски.
Стефан Миленковиќ, првата награда ја добил кога имал седум години, а на шестнаесет години го одржал илјадитиот концерт. Тој важи за виолинист од светски калибар, свирел со најдобри оркестри, под палката на најпознатите светски диригенти. Меѓу неговата публика биле поранешниот претседател на САД, Роналд Реган, поранешниот лидер на СССР, Михаил Горбачов и Папата Јован Павле Втори. Миленковиќ е исто познат и по своите хуманитарни ангажмани. Меѓу другото, учествувал, заедно со Пласидо Доминго, Јехудија Менјухина и други, на гала концерти под покровителство на УНЕСКО. Професор е по виолина во Илиноис, САД.