Советниците од коалицијата „Заедно за Струга“, обвинуваат дека градоначалникот Зијадин Села има намера да ги маргинализира Македонците во Струга.

Тие денес писмено се обратија до Пол Волерс и Аиво Орав, ги поканија да дојдат во Струга за да се запознаат со самоволието на градоначалникот.

-Во Струга се врши тотална мајоризација и дискриминација по етничка основа. И покрај фактот што Македонците се речиси два ипол пати повеќе од сите етнички заедници во Струга и покрај фактот што нашата коалиција има најголема советничка група во Советот на општина Струга, за жал мора да се констатира дека Македонците во Струга неможат да партиципираат во креирањето на стратегии за развој и просперитет во својот град, истакнаа советниците.

Советниците Македонци обвинуваат дека Села веќе го разрешил единствениот македонски директор на јавно претпријатие во општината.

Тие бараат од амбасадорите со својот авторитет и заложби за меѓуетничко и меѓуверско почитување, да допринесат за намалување на етничките тензии во Струга.

OhridNews