Претрпениот пораз на СДСМ на последните локални избори во Охрид, за жал, има лоша рефлексија врз амбиентот на живеење во градот, изјави претседателот на социјалдемократите Зоран Заев при денешната поосета на општинската организација на партијата.
-Информациите кои ги добив од состанокот со највисокото општинско раководство на СДСМ во Охрид се дека голем број на граѓани пред се вработени во локалната самоуправа и институциите на локално ниво, се шиканирани, им се прави огромен притисок, има непринципиелни влијанија и предлози, што може негативно да влијае на целокупното живеење и пријателството меѓу граѓаните кое треба да го градиме во ова наше општество. Сакам да испратам порака да ја спуштиме малку топката. Апсолутно ако некаде има индикации за некакви грешки судските инстанци се тие кои што ќе донесат одлуки и пресуди. Но, она што денеска граѓаните на Охрид со солзи во очите го соопштуваат низ што се поминуваат, навистина не е во ред.-изјави Заев.
Зоран Заев
Тој појасни дека многу граѓани кои немаат партиска книшка биле деградирани од работните места, голем број раководни кадри биле принудени да поднесат оставки, лица кои немале регулиран работен однос биле повикувани на информативни разговори, а дел од нив биле принудувани да потпишат изјава дека сами отишле во полиција да дадат изјава.
Заев истакна дека СДСМ на граѓаните кои се жалат на политички притисок ќе им понуди правна помош, која ќе ја даваат адвокати кои ќе ги ангажира партијата, но изрази надеж дека нема да има потреба од тоа.
-Изборите доаѓаат и поминуваат, но треба да бидеме свесни дека сите заедно треба да го градиме ова наше општество.-рече Заев. Тој додаде дека има разбирање за градоначалникот Бакрачески за ревизиите кои ги врши со цел да се запознае со сотојбите во општината, но предупреди дека мора да се внимава да не се нарушат меѓучовечките односи, и уште еднаш апелираше да се спушти топката.
Заев денеска во Охрид оствари средба со претставници на општинска организација на СДСМ на која станало збор за внтарепартиски прашања. Тој ја потврди информацијата дека наскоро ќе се избираат нови раководства во ограноците, посочувајќи дека промените ќе бидат неминовни.
-Јас добро ја познавам состојбата во Охрид, но најдобро ја знаат моите социјадемократи од Охрид, така да во една демократска процедура ќе извлечеме максимум добри решенија, кои што ќе бидат раководство на СДСМ во Охрид, и кои ќе бидат претставници на огранокот во централата. Охрид заслужува големо внимание на СДСМ во Скопје. Ветувам дека ќе испорачам огромно внимание за учество во органите на партијата на централно ниво, што треба да значи испорачана поддршка кон социјалдемократите во Охрид, се со крајна цел да добијат комплетно поволни и позитивни услови за уште на наредните избори да ја вратат победата во Охрид.-изјави Заев.
Претседателот на СДСМ истакна дека наскоро трајно ќе биде решен и просторниот проблем на огранокот на партијата во Охрид.