Постои напредок во преговорите за решавање на спорот што соседна Грција го има со нашето уставно име. Премиерот Заев на денешниот брифинг со новинарите на кој беше преидружуван од вицепремиерите Радмила Шеќеринска и Бујар Османи, изрази оптимизам за процесот, истакнувајќи дека за поголем дел од седумте точки за кои се преговара е постигнат договор, а за останатите се бара досстоинствено решение за двете страни.

 -Не е решен опсегот на употреба и конечното име. Многу сме блиску до решение за идентотетот, државјанството и јазикот, другите прашање генерално се отворени. Се разговара и за прашањето на иредентизмот, при што грчката страна сака потврда дека немаме територијални претензии, намера за промена на границата и мешање во културното наследство на соседната земја, со што ние немаме проблем и се бараат механизми како тоа да се реши. – рече премиерот Заев.

Што се однесува до опсегот на употребата на новото име доколку се постигне компромис се бара „ерга омнес“ и за внатрешна употреба, што е ново за нас, што подразбира промена на Уставот. Ние бараме да се разграничи името за меѓународна од тоа за домашна употреба, како што има бројни примери во светот денеска, додаде Заев.

-Бараме достоинствено решение кое нема да ги повреди нашите чувства. Грчката страна има за тоа разбирање и затоа треба да имаме и ние разбирање за Грција. Парламентарното мнозинство во Грција е исто така кревко и јас би сакал евентуалното решение да ја добие поддршката и од тамошната опозиција, за да не се доведе во прашање во иднина. Ако изнаоѓаме решение да биде тоа вековно. Не треба да се оставаат отворени работи. – рече Заев.

Премиерот истакна дека евентуалното решение на спорот за името покрај тоа што треба да биде ратификувано од парламентите на двете држави, ќе оди на референдум и дека ќе се почитува волјата на граѓаните.

-На пример, кога би бил тој референдум? Дали е врзан веднаш со постигање на договорот знаејќи дека ни требаат најмалку 40 дена за подготовка и реализација на референдумот. Или, пак, референдумот би се организирал на самиот крај, пред нашето конечно влегување во НАТО, или дури пред нашето конечно влегување во ЕУ. Затоа се разговара за временска рамка, во тие насоки. – објасни премиерот Заев.

OhridNews