Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на отворањето на Македонскиот енергетски форум 2019 „Енергетска транзиција преку обновливи извори и енергетска ефикасност“, што се одржува во струшкиот хотел „Изгрев“.

Заев во своето обраќање до присутните истакна дека целта на владата е да се стават во функција сите капацитети и да се впрегне целиот неискористен енергетски природен потенцијал што Северна Македонија го поседува.

  • Нашиот план е сериозно да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги достигнеме европските стандарди во процесот на менаџирање со енергетските ресурси и да поттикнеме нови инвестиции во енергетскиот сектор. Република Северна Македонија е посветена на спроведување на реформите во енергетскиот сектор и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за основање на Енергетска заедница. Новиот Закон за енергетика беше изработен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница и беше донесен од Собранието во мај 2018 година за што сме благодарни на Енергетската заедница, рече Заев.

Додаде дека во овој Закон за енергетика се имплементираат одредбите и обврските што произлегуваат од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија.

  • Промовирањето на инвестиции од обновливи извори на енергија не е само законска обврска за Република Северна Македонија.  Истовремено се поттикнува развојот на старите и застарените капацитети во енергетскиот сектор, а при тоа се исполнуваат барањата за заштита на животната средина, намалувањето на зависноста од увоз на енергија и создавањето на услови за одржлив развој и раст, потенцира премиерот.

Нагласи дека од страна на владата предвидени се воведувања мерки, меѓу кои  намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 40% (споредбено со 1990), Учество на обновливи извори на енергија со најмалку 27%, Подобрување на енергетската ефикасност за 27%, како и дека енергетската трансформација е започната со спроведување на новиот Закон за енергетика.

Додаде дека ефикасната транзиција на земјата кон конкурентна економија ќе се забрза со реализација на диверзификација во снабдувањето, со зголемување на конкуренцијата на енергетските пазари, и со зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија, зголемување на домашното производство на енергија. Информира дека изградбата на магистралните гасоводни системи се одвива со добро темпо и дека во финална фаза влегува процесот за изградба на интерконективното поврзување со гасоводниот систем на Република Грција.

Присутните ги поздрави и Амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум, која изрази силна поддршка од САД за развојот на енергетскиот сектор во нашата земја.

OhridNews