Коалиција од стотина партии, здруженија на граѓани, невладини и независни пратеници ќе ја водат кампањата „Излези ‘за’ европска Македонија“, чиј почеток официјално го означи премиерот Зоран Заев. Тој во својот говор потсети на референдумот од 1991 година и порача дека и со овој референдум се потврди независноста на државата.

„Постои една директна линија што ги поврзува 8 септмеври 1991 година и 30 септември 2018 година. Тоа се два големи настана и чекори што ги преземаме како одговорни граѓани со кои ја обезбедуваме иднината на земјата. Ова е уште еден референдум за зацрстување и потврдување на нашата независност со што ќе добиеме сигурна перспектива како членки на НАТО и ЕУ“, рече премиерот.

Според него, значајно е што овој нов референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со консензус. „Сите граѓани ќе бидат заедно за европска Македонија, време е земјава да тргне уште побргу по вистинскиот пат кој е над дневните расправии, политиката и жестоките полемики во општеството. Исправени сме пред прашање што е поголемо и поважно од сите политички партии – иднината на нашите деца е поважна од сите политички партии заедно. Ова е историска шанса за иднината, ни помага да се обединиме и да тргнеме заедно на последната етапа, марш кон Европа“, вели Заев истакнувајќи дека коалицијата е отворена за сите што сакаат да им се придружат.

Тој упати повторно повик кон опозицијата да бидат единствени кон ова прашање. „Убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ има силни причини да се приклучи, таа е за европска Македонија. Критикувајте нè за договорот со Грција, но не пропуштајте ја оваа шанса Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО. Отсекогаш сум ја поздравувал конструктивната критика, но за иднината на Македонија мораме сите да бидеме едногласни“, рече Заев.

Тој ги повика Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во позитивна кампања за референдумот бидејќи иднината на Македонија е над дневната политика.

Заев најави дека почнуваат кампања со која ќе ги информираат граѓаните за придобивките од влезот во ЕУ и НАТО, но и да ги објаснат придобивките од договорот со Грција.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека референдумот на 30 септември е референдум за влез во НАТО и ЕУ, за една подемократска Македонија и за борба против корупцијата и криминалот.

„Во континутитет сме посветени да го исполниме барањето на речиси 90 отсто од граѓаните за целосна интеграција во ЕУ и НАТО како заокружување на многуте напори направени во текот на годините. Затоа, на 30 септември има само две опциии – ‘за’ или ‘против’ европска Македонија. Нема место за калкулации и противење, сите од власта и од опозицијата треба да му се приклучиме на карванот за подобра иднина“, рече Ахмети.

OhridNews

Макфакс