Граѓаните ја потврдија победата на фер избори, изјави лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва на пред конференција, по објавувањето на резултатите од вториот круг од локалните избори.
Тој го повика ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита својот став за непризнавање на изборниот процес, кој според него поминал во целосно слободна, фер и демократска атмосфера.
-Ги разбирам овие тешки моменти исполнети со емоции во кои се наоѓа раководството на нашиот политички противник, но се надевам дека ќе изнајдат сили да се однесуваат како одговорен политички субјект за кој и на овие избори гласале сериозен број граѓани и ќе се вклучат и ќе дадат конструктивен придонес во реформите од суштинско значење за подобар живот на граѓаните на Република Македонија. Апелирам до раководството на ВМРО-ДПМНЕ во прв план да ги стават интересите на граѓаните на Република Македонија. – рече Заев.
Според Заев резултатот во вториот изборен круг бил очекуван и за СДС и за ВМРО ДПМНЕ, но и за граѓаните.
-На денешниот втор круг од локалните избори граѓаните ја потврдија победата и уште еднаш јасно се определија за целосни, сеопфатни промени за поквалитетен живот за сите во Македонија. Не смее да има еуфорија. Завршуваат прославите вечерва. Од утре работиме напорно за стандардот на граѓаните, за држава што на граѓаните ќе им биде сервис, да работиме за сите. – додаде Заев.
OhridNews