На првата официјална средба меѓу премиерот Никола Груевски и новиот лидер на СДСМ Зоран Заев бил направен исчекор во однос на формирање на комисијата што треба да ги расветли настаните од 24 декември, за која договориле да се формира во следните три, четири дена.

– Се радувам што направивме исчекор во поглед на Комисијата од 1 март  во врска со настаните од 24 декември. Исчекорот се однесува  на преземање обврска во наредните три четири дена директно да  искомуницираме ние или нашите претставници во изнаоѓање конечно решение по ова прашање“, рече Заев.

Тој не прецизира дали се разговарало за тоа кој да биде претседател, туку рече дека целта е да се направат напори да почне да работи комисијата.

– Овој исчекор  за нас е многу значаен заради тоа што опозициските пратеници и новинарите беа избркани од собранието. Оваа Комисија има  улога пред се, за внатре во земјата, иако е еден од условите за нашите евроатлански аспирации“, рече Заев, кој очекува што е можно поскоро таа да излезе со заклучоци за да се затвори тој жцрн понеделникж.

Заев не сакаше да информира за кои други прашања било разговарано, дали воопшто било разговарано за прашањето за името и за други национални прашање.  Рече дека е среќен што се остварила ваква средба и дека се надева оти во иднина тоа ќе стане пракса.

Новиот лидер на СДСМ рече дека е подготвен да даде поддршка како претседател на опозицијата на сè што е добро за народот, затоа што тоа му дава легитимитет да биде силен во критиките за она што не чини.

– Опозицијата има намера да биде конструктивна. Ако покрај тоа што сака да ја одигра својата улога апсолутно критична кон сè што е недобро за оваа земја, на сè што е глупаво во оваа земја да изреагираме, во сè што е интерес за Македонија ќе бидеме конструктивни, додаде Заев.

Средбата меѓу премирот Груевски и новиот лидер на СДСМ доаѓа по неодамнешниот избор на Зоран Заев за лидер на опозициската СДСМ.

OhridNews
Makfaks